Убиството на 25 годишниот Енес Оздемери, кој беше застрелан со шест куршуми во кафуле на штипскиот Градски плоштад Слобода е дрско, извршено со умисла и претходно добро планирано, рече обвинителката од ОЈО Штип Билјана Анакиева, а пак одбраната на петмината обвинети тврди дека реакцијата на првообвинетиот Кара е реакција во миг, бидејќи тој пукал во нужна одбрана.
Според бранителот имаат докази во кои се гледа дека убиениот Оздемери покажал нож и во тој момент бил под дејство на дрога и алкохоло, за што покажала и обдукцијата. Бранителот на првоосмничениот и четвртоосмничениот побара преквалификација на кривичното дело во „Убиство на миг“.
21- годишниот Кадир Кара е обвинет за тешко дело убиство и неовластено држење на оружје,а останатите четири лица за кривично дело помагање при извршување на убиството. Четврорица од обвинетите имаат и претходно сторени кривични дела, единствено турската студентка нема зад себе криминално минато.
Двајца кои логистички му помагале на убиецот, се барани и во Турција, за убиства и недозволено поседување на оружје. Во нашата земја престојувале користејки лажни идентитети. Според обвинителството оружјето со кое е извршено убиството било набавено во Скопје, а на пиштолот му е избришан серискиот број.
Според обвинението Кара, кога пристигнал во Македонија бил сместен во стан во комплексот Џевахир во Скопје. На 8 мај со автомобил тројцата обвинети, Кара го донеле во Штип, каде претходно преку мобилна апликација договорил средба во кафулето. По петнаесетминутен разговор убиецот станал од масата, влегол во тоалетот , по што се вратил и го застрелал 25 годишниот Оздемери.
Кара и неговите помагачи се обиделе да побегнат, но по бркотницата на автопатот Штип-Скопје се фатени. Денешното судење помина под силно полициско обезбедување, присуствуваа и семејствата на обвинетите, кои се дојдени од Турција. Судењето продолжува на 19 декември со изнесување на докази.
Викторија Димитрова Јованова
Дигитална обработка: T.Д.
