Бизнис објектив

Нвидија со рекорден профит – балонот со вештачка интелегенција продолжува да расте

Глобалните пазари може да здивнат. Стравувањата дека балонот создаден со огромните инвестиции во вештачката интелигенција ќе пукне и ќе доведе до големи турбуленции на глобалните  пазари, засега не се остваруваат.

Американската компанија со седиште во Санта Клара, Калифорнија NVIDIA, најголемиот производител на чипови за вештачка интелигенција и графички чипови во светот, ги објави своите приходи и профитот во месеците август, септември и октомври, кои се поголеми дури и од најоптимистичките предвидувања.

-Последниот извештај за заработката на NVIDIA им донесе олеснување на инвеститорите кои беа загрижени дека бумот со вештачката интелегенција е премногу надуен. Калифорнискиот произведувач на чипови доцна во среда, објави квартални бројки кои ги надминаа очекувањата на сите аналитичари. Пријавиле неверојатен профит од 31,9 милијарди долари на приходи од 57 милијарди долари. Истовремено, предвидувањата се дека овие бројки ќе продолжат да се зголемуваат, вели Келвин Чен, Асосијејтед Пресс

Според NVIDIA, за само три месеци, приходот на компанијата во третиот квартал се зголемил за 62%, пред се заради огромната побарувачка на чиповите кои ги произведува а се користат во центрите со податоци за вештачката интелигенција.  Продажба во тој сектор на компанијата бележи раст од 66% на повеќе од 51 милијарда долари.

Предвидувањата за продажбата во четвртиот квартал од над 65 милијарди долари исто така се над проценките, со што вредноста на акциите на NVIDIA по објавувањето на извештајот се зголемила за четири отсто.

Многу се зборуваше за инвестициски балон поврзан со вештачката интелигенција. Од наша гледна точка, нештата се сосема поинакви, оцени главниот извршен директор на NVIDIA, Јенсен Хуанг, додавајќи дека оваа чиповите и системите кои ги произведува компанијата поврзани со вештачката интелигенција бележат исклучително висока побарувачка.

На крајот на октомври, NVIDIA стана првата компанија во светот со вредност од 5 трилиони долари, продолжение на неверојатниот раст откако само три месеци претходно ја надмина бариерата од 4 трилиони долари.

Пазарниот бум на технолошкиот гигант е резултат на исклучително високата побарувачка на чиповите за вештачка интелигенција.

-Сега може да создадеме интелигенција за многу индустрии, и секојдневно ја гледаме во чет ботовите, секако, но во иднина, ќе ја видиме интелигенцијата во производството и роботиката и автономни возила и науката и дигиталната биологија, па дури и квантната хемија и квантните компјутери. Но и 6G телекомуникациите, сите тие ќе имаат ВИ технологија која ќе ги интегрира. Затоа, можностите во иднината за нас, навистина се исклучителни, огромни, кои доаѓаат еднаш во животот, изјави Јенсен Хуанг, главен извршен директор на NVIDIA

Последните податоци за растот на NVIDIA  беа следени со уште поголемо внимание од вообичаеното на Вол Стрит заради сѐ поголемите стравувања дека вредноста на акциите на компанијата поврзани со ВИ се преценети – стравувања кои може да продолжат и покрај рекордниот профит на компанијата.

-Балонот на ВИ е претпоставувам во суштина едно предвидување за состојбата на берзата, особено берзата во САД, но исто така глобално, во однос на големите 7 технолошки компании кои создаваат, некаде околу 30 до 35 проценти од вредноста на деловите на американската берза, кои се всушност масивно преценети и потенцијално нивната вредност може наеднаш и во голем износ да падне, можеби денеска, можеби по неколку недели, можеби никогаш. Кој знае? Тоа е всушност балон, истакнува Брент Мителштад, Професор по етика на податоците и политика на институот за интернет.

Како индикација за растечката загриженост за ова прашање, вредноста на индексот на акциите на 500-те најголеми компании во светот паѓаше четири дена по ред, пред NVIDIA да го објави својот последен извештај.

-Причината заради која NVIDIA беше во центарот на вниманието на инвеститорите е затоа што постоеја растечки стравувања дека меурот со бумот со ВИ ќе пукне. Тоа би предизвикало поголеми проблеми на глобалните пазари. Затоа, приходите на NVIDIA беа гледани како некој вид барометар за економијата на ВИ, при што инвеститорите ги анализираа резултатите да видат дали ќе има некакво забавување во побарувачката од компаниите со ВИ кои ги купуваат нејзините чипови – тоа би било лош знак. Но барем засега, пазарите се задоволни, вели Келвин Чен, Асосијејтед Прес.

Подемот на NVIDIA со ВИ започна пред три години кога OPENAI го обелодени својот чет-бот ЧЕТЏИПИТИ. Во минатиот период, од компанија која најмногу беше позната по производство на графички картици за видео игрите, се трансформираше во клучен играч во развојот на чиповите за ВИ.

Откако  OPENAI и традиционалните технолошки џинови како Мајкрософ, Гугл, Амазон и Мета започнаа се повеќе да ги користат чиповите на NVIDIA,  годишниот приход на компанијата забележа огромен раст од 27 милијарди долари во 2022-та година на проектирани 208 милијарди оваа година.  Ваквиот раст десеткратно ја зголеми вредноста на компанијата, оставајќи ги зад себе и Епл, Мајкрософт и Алфабет, компанија која стои зад Гугл.

Најголемите компании во технолошкиот сектор започнаа драматично да ги зголемуваат своите инвестиции во ВИ, во обид да зграпчат што е можно поголем дел од бумот која ја зголеми вредноста на акциите до рекордно ниво.

Но, тоа не се случува само кај големите играчи.

-Значи, имавме и некои помалку луди проценки, како на пример кога поранешната директорка во OPENAI, Мира Мурати формираше својот стартап. Уште пред да каже што ќе работи, инвеститорите започнаа да се редат за да инвестираат милијарди во нејзиниот стартап. Ова е еден пример за овој вид ирационално однесување кое може да се забележи во вакви „балони“, изјави Ник Рејнерс, аналитичар во група Евроазија.

На американско – саудискиот инвестицискиот форум во Вашингтон, првиот човек на NVIDIA, заедно со милијардерот Елон Маск објави дека во Саудиска Арабија ќе биде изграден и огромен комплекс и центар за податоци, на кој прв клиент ќе биде компанијата X (Твитер) на Маск.

Најбогатиот човек на планетата, во своето прво јавно обраќање откако доби отказ во одделот за владина ефикасност на американскиот Доналд Трамп, ја сподели својата визија за потенцијалот на вештачката интелигенција и роботиката, подвлекувајќи дека тие ќе доведат до тоа – одењето на работа да биде прашање на избор.

На долг рок, не знам што е долг рок. Можеби тоа се 10, 20 години, нешто слично. За мене, тоа е долг рок. Моето предвидување е дека работата ќе биде прашање на избор. -Избор? Во ред, ќе го прифатиме тоа. Мислам тоа ќе биде како играњето спорт или видео игри или нешто слично. Ако сакате да работите, знаете, на истиот начин на кој може да одите во продавница и да купите зеленчук или може во својот двор да одгледувате зеленчук. Многу е потешко тоа да го правите својот двор, но некои луѓе сѐ уште го прават, затоа што го сакаат тоа. Тоа ќе биде и со работата, прашање на избор. вели Елон Маск, милијардер.

Без колебање, Маск, кој има поголемо богатство од 50 проценти од американското население, користеше огромни државни субвенции за развој на својот бизнис и ги отфрла со потсмев сите обиди за зголемување на даноците на најбогатите, смета и дека со развојот на ВИ и роботиката, еден убав ден во иднината – парите веќе нема да бидат важни.

Да, тоа е интересно и мојата претпоставка е дека ако се продолжи доволно долго и под претпоставка дека ќе има постојано подобрување во ВИ и роботиката, што изгледа веројатно, парите едноставно ќе престанат да бидат значајни во еден момент во иднината. Ќе постојат ограничувања во поглед на енергија, како електрицитет или масата. Фундаменталните физички елементи секако ќе бидат ограничувања. Но, мислам дека во одреден момент, парите ќе станат бесмислени.

Маск најави и дека неговата компанија Тесла ќе биде првата која ќе ги направи корисните хуманоидни роботи, што ќе биде револуција и ќе помогне за елиминирање на сиромаштијата. Роботите се еден од начините на кој сите ќе бидат богати, заврши Маск.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бизнис објектив“: Како да се зголеми економската соработка меѓу Македонија и Швајцарија?

Mirjana Joveska

Aмбасадорот Зомер во интервју за „Бизнис објектив“ вели – растат инвестициите во Македонија има над 100 швајцарски компании

Дејан Дејан

„Бизнис објектив“: Од мал погон до голем извозник – успешна приказна на македонска фабрика

Mirjana Joveska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе