Своето право на глас до 20 часот го оствариле 3.327 луѓе од вкупно 4.826 болни, изнемоштени, лица сместени во старечки домови и затвореници колку што беа пријавени да гласаат денеска во вториот круг од локалните избори, информира Државната изборна комисија (ДИК).
„Во 14 казнено-поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1.256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа, до 18:30 часот гласале 125 гласачи“, соопшти ДИК.
Гласањето, како што се посочува во соопштението, за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК извести дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денеска посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес.
„Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, прецизираат од ДИК.
Претходно во рамките на продолжението на 151-та седница, ДИК како неоснован одби еден приговор за остварување на гласачкото право на лице од Боговиње, бидејќи при проверката констатирале дека е запишано во избирачкиот список и може да гласа на избирачкото место 2069/1.
Во вториот круг од локалните избори 2025 утре се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
