Пред 30 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој сепак со тешки повреди на главата ,го преживеа нападот. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов.
Истрагата утврди дека атентатот врз македонскиот претседател, бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба во 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието. Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1 јануари 2012 година.
Во автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието, каде во тоа време се наоѓаше неговиот работен кабинет.
Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“, за да експлозијата биде точно насочена и ефективна.
