Вести Македонија Топ вести

Ветувања за многу инфраструктурни проекти, за модерен и урбан град – трката за градоначалник на Тетово со шест кандидати

Тетово има шест кандидати за градоначалник, па со тоа и многубројни се понудите, програмите и замислите како овој град да биде подобро место за живеење. Но, и жителите имаат многу и разни потреби, како и очекувања за тоа какво да биде Тетово.

„Јас мислам по мојот паркирање на возилата. Моментално еве, јас сум сега со возило. А врне, имам потреба на повеќе места кај социјалново појдов, значи има паркиралиште, а нема место моментално да се паркира“, вели жител на Тетово. 

„Што ќе се смени, градот е добар, луѓето не чинат. Животна средина да е добра, јас ќе живеам овде. Ама затоа не живеам овде, живеам во Швајцарија 50 години, имам нивни пасош, куќа, имам, све таму. Јас ви пожелувам се најубаво на вас“, изјави тетовец. 

„Да биде добар град, да биде сме во ред, да има народот од што да живее, да јадат, да пијат вработување, да има. Тоа е најбитно. Здравството да биде како што треба“, посакува тетовка. 

Како кандидат за градоначалник на Тетово, мојата цел е да донесам промена која граѓаните ја заслужуваат, вели Катка Божиноска од Левица.

„Тетово има сила и потенцијал кој треба да се искористи. Фокусот ќе биде на инфраструктурата, чисти улици, обновен водовод и ефикасна јавна администрација, како и економски развој за младите и поддршка на малите бизниси. Поддршка на ранливите категории и социјално загрозените семејства. Ќе работам транспарентно одговорно со граѓаните како партнер во одлуките што ќе ги носиме“, смета Катка Божиноска, кандидатка за градоначалник на Тетово од Левица.

За Изет Зејнеловиќ од Демократи главна замисла е преработување на отпадот и производство на струја.

„Пораките до граѓаните се, дека јас нема да се занимавам со политика и политичари. Тие нема што да ветуваат. Тие имале време 35 години да си ги завршат работите, потребите на граѓаните јас ќе се ориентирам спрема моите пријатели од странство кои се обезбедени инвеститори да инвестираме во Тетово. Имам негде околу 11 значајни проекти, тие наскоро и ќе ме посетат во Тетово ќе ми ја дадат поддршка“, порачува Изет Зејнеловиќ, кандидат за градоначалник на Тетово од партијата Демократи. 

Програмата ја правиме врз она што бараат граѓаните, вели Самка Ибраимовски од Коалицијата „Искуство за успех“.

„Нашето мото е повеќе резултати и помалку изговори. Тоа народно кажано повеќе работи одошто да зборуваш. Затоа појдов по таа основа и новини што ние како коалиција, односно јас како кандидат за градоначалник ќе направам, тоа е тоа што досега не се правело“, ветува Самка Ибраимоски од коалицијата „Искуство за успех“ (ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР)

Актуелниот градоначалник Биљал Касами во вториот мандат ветува поурбано и поевропско Тетово.

„Ќе се дава можност и за отворање на последната делница на булеварот „Илинден“. Исто така, изградба на училишта, изградба на стадионот. Пробивање на последните сегменти на булеварите и многу други проекти со цел Тетово да биде поурбано и подобар град за живеење“, потенцира Биљал Касами, актуелен градоначалник на Тетово и кандидат за нов мандат од „Вреди“.

Кандидатот на ДУИ и коалицијата Бајрам Реџепи ветува дека Тетово ќе се преобрази, односно општина која ќе работи подобро за граѓаните.

„Главното мото ќе биде да го изградиме ново Тетово и тоа ќе се заснова во три столба. Прво ќе биде економскиот развој, второ ќе биде инфраструктура и планови, планирање на ново Тетово и третиот столб ќе биде дигитална професионална, ефикасна и 100 отсто транспарентна јавна администрација за општината“, уверува Бајрам Реџепи од ДУИ. 

Крајно време е да се работи за Тетово да биде вистинска урбана средина, вели Стевица Саркоски кандидат на ВМРО Народна партија.

„Мото под кое ВМРО Народна партија излегува на овие локални избори е Гласајте за модерно, чисто и обединето Тетово. Ги повикуваме граѓаните да гласаат со разум за Тетово да биде тоа што заслужува, да биде модерен град, чист град со модерно образование, да стана вистинска урбана средина за сите граѓани“, рече Стевица Саркоски, кандидат за градоначалник на Тетово од ВМРО Народна партија. 

Големата конкуренција најверојатно ќе биде причина во Тетово да има и втор круг гласање за избор на градоначалник меѓу двајцата од шестмината кандидати кои ќе имаат најмногу гласови.

Александар Самарџиев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Од понеделник е можно повторно намалување на акцизата за горивата – се чека да се види како ќе затворат берзите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе