Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека само 42 отсто од државните институции доставиле податоци за службените возила до законскиот рок пред локалните избори во 2025 година. Од вкупно 1.514 институции, 635 испратиле податоци, а дури 879 институции – или 58 отсто – не исполниле законска обврска, според Изборниот законик. Согласно споредбата меѓу податоците на институциите и тие од МВР, утврдено е дека кај 66 отсто од институциите има несовпаѓања во бројот на пријавени возила. ДКСК идентификува и 27 институции што пријавиле возила кои не постојат во евиденцијата на МВР, што укажува на можноста тие возила да се водат на друго правно лице или да се отстапени на користење. На својата веб-страница, ДКСК веќе објави Регистар на службени моторни возила, вклучувајќи податоци за 6.637 возила – од кои 5.456 се во возна состојба, 1.003 се нефункционални, а за 178 возила нема информации. Комисијата апелира дека оваа практика е важна за поттикнување транспарентност и одговорност кај институциите.
