Во зимските месеци, Битола редовно се наоѓа на врвот на листата на најзагадени градови во Македонија. Податоците од мерните станици покажуваат дека концентрациите на ПМ10 честички често ја надминуваат дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен и тоа по повеќе денови последователно.
„Тие податоци покажуваат огромно загадување. Само во јануари и во февруари сме имале 67 дена загаден воздух, а максилмално се дозволени 35 денови со загадување во текот на една година“, вели Љупчо Стојановски, експерт за животна средина.
Научната студија ТРАП потврдува дека домаќинствата и институциите кои користат фосилни горива се најголеми загадувачи, додека РЕК Битола и останатите индустриски капацитети доаѓаат на второ место по влијание. Според последниот попис, повеќе од една третина од домаќинствата користат печки на дрва, а годишно Битола троши од 20 до 25 илјади метри кубни огревно дрво.
Истражувањето на Регионалното географско друштво „Геосфера“ покажува дека најчесто се користи влажно дрво, што значително ја зголемува емисијата на штетни честички.
„Нашите калкулации покажуваат дека доколку се дистрибуира суво огревно дрво, загадувањето би се намалило за 20-30 проценти, што не е мал процент кога имаме пикови од 400-500 микрограми на метар кубен“, вели Мите Ристов од НВО „Геосфера“.
„Геосфера“ веќе работи на проект во кој покрај другото ќе ја мерат влажноста на доставеното огревно дрво. Со добиените резултати, организацијата планира да иницира законски измени за доставување суво огревно дрво
„Ќе пробаме да најдеме начин да ја промениме законската регулатива за да се намали загадувањето, односно шумските претпријатија да доставуваат огревно дрво со 20 проценти влажност“, објаснува Ристов.
Покрај домаќинствата, значајни загадувачи се и државните и локалните институции кои се греат на мазут и нафта.
„Годишната потрошувачка на нафта во градот е околу 800 тони од страна на јавните установи – градинки, училишта и други институции. Емитувањето на јаглероден моноксид изнесува околу 2.500 тони за време на грејната сезона“, вели Љупчо Стојановски, експерт за животна средина.
Сите очекувања за намалување на аерозагадувањето се вперени во воведувањето на централен топлински систем од РЕК до Битола. Мрежата веќе се поставува, а се најавува дека ќе биде ставена во функција во 2026/2027 година. Во првата фаза, во системот ќе бидат приклучени 35 општински установи – градинки и училишта кои се греат на мазут или нафта. Домаќинствата од станбените единици ќе почекаат проширување на системот.
Емилија Мисирлиевски
