Вкупно 19 жители на Трубарево треба да се јават на дополнителни прегледи на Клиниката за пулмологија по дводневниот скрининг на населението кој го спроведе министерството за здравство. Според официјалните податоци, вчера на двата мобилни пункта каде што беа тимовите од Клиниката за пулмологија, се јавиле над 100 мештани, а за осуммина се потребни нови анализи. Скринингот опфаќаше мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет.
„Според информациите од тимовите од Клиниката за пулмологија, пациентите кои биле упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица, стегање во градите. Воедно, во рамки на скринингот, се детектирани и пациенти со висок крвен притисок кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања“, соопштија од министерството за здравство.
Според протоколот на здравство, скрининг ќе се направи уште два пати, по три и по шест месеци, за да споредат ефектите од загадувањето на воздухот по пожарот за отпад во Трубарево.
Засега од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема никакви насоки и инструкции за жителите на Трубарево кои се бават со земјоделство, а тоа е голем дел, што да прават со овошјето и зеленчукот од нивните ниви и градини.
Министерот за здравство Азир Алиу смета дека тие не се опасни, бидејќи не била детектирана радијација, но не кажа ништо околу тешките метали кои беа во воздухот. За пожарникарите кои ги гаснеа пожарите на отпадите во Трубарево и во Визбегово, скрининг нема да се организира, а од здравство бил испратен мејл до нив и до МВР доколку чувствуваат било какви проблеми да се јават на Клиниката за пулмологија.
Мештаните во Трубарево тврдат дека наутро и навечер сè уште се чувствува силна миризба која доаѓа од отпадот. Експертите предупредуваат дека, иако се затрупани со земја, оштетените литиумски батерии во пожарот сè уште горат и ослободуваат опасни гасови.
Обвинителството отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“ со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. На Дамевски му е одреден триесетдневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор.
Огнен Чанчаревиќ
