Обвинителството морало да го преквалификува делото за обвинетите во Тотал“ откако со ново супервештачење, направено по наредба на Кривичниот суд, износот на даночното затајување од „значителен“ бил намален во „поголем“.
Образложението на Обвинителството следува откако Основниот кривичен суд – Скопје соопшти дека Обвинителството се повлекло од обвинението против Драган Павловиќ-Латас за даночно затајување,
Оттаму велат дека поради ваквите наодите од супервештачењето, предметната обвинителка Марија Џабирова Велков морала да изврши преквалификација на обвинението, а со самото тоа настапила и апсолутна застареност.
„Во конкретниот предмет, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје беше извршено ново супервештачење од областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење. На расправата која се одржа на 27.05.2026 година свој исказ пред судот дадоа и вештите лица, кои наспроти прашањата на обвинителот, потврдија дека фактичката состојба изнесена во обвинението е променета. Согласно вештачењето, износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279 – Даночно затајување. Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во своето обраќање потенцираше дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година“, соопшти Обвинителството.
Претходно, Кривичниот суд информира оти е донесена пресуда со која во целост се одбива обвинението за даночно затајување против новинарот Драган Павловиќ-Латас и три правни лица – случај на поранешното Специјално јавно обвинителство, познат под името „Тотал“. Од Кривичен посочија дека одлуката доаѓа откако на последното судско рочиште надлежниот јавен обвинител во завршните зборови целосно се откажал од понатамошно гонење на обвинетите.
