Семејството на трагично починатата Теодора Ристовска се огласи со јавно соопштение, по одлуката на Апелациониот суд во Гостивар да ја потврди пресудата со која обвинетиот Менсур Пајазити добива само две години затвор.
Тие изразуваат длабока болка и разочараност, оценувајќи ја казната како понижувачка и недостојна за загубениот млад живот.
„Оваа пресуда е срам за правдата. Наместо мир и чувство на правда, добивме селективен и корумпиран систем кој дополнително нè повредува,“ се вели во нивното обраќање.
Семејството обвинува дека судството дозволува Пајазити слободно да се движи и дури повторно да управува возило, што за нив е директна навреда на сеќавањето на Теодора.
Иако правниот пат сега зависи од Јавното обвинителство, семејството најавува дека нема да молчи.
Велат ќе продолжат да бараат одговорност, со надеж дека случајот на Теодора ќе стане симбол за потребата од вистинска, видлива и праведна пресуда.
Менсур Пајазити, кој во септември 2022 година ја прегази Теодора Ристовска во Тетово, првично беше осуден на три и пол години затвор.
Апелациониот суд подоцна му ја намали казната на две години, но тој не беше упатен на издржување на истата.
Врховниот суд го уважи неговото барање за вонредно преиспитување и ги укина двете претходни пресуди по што случајот беше вратен на повторно судење во Основниот суд Тетово.
