Осум држави членки на ЕУ бараат проширувањето да продолжи, но за разлика од нон-пејперот на Германија, Франција, Белгија, Луксембург и Холандија тие се за правење помала дистинкција меѓу старите и новите членки, пред се во воведување на нови правила за пристапување и контролни механизми за новите членки.
Со нон-пејперот, до кој дојде Телма, а на кој се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција, се бара заштитните мерки, транзиционите аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционални, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. Едно од барањата е и избегнување на непотребни нови пречки за земјите-кандидати, односно, целната линија да остане видлива и стабилна.
„Континуираното додавање нови барања, политички предуслови или институционални порти за време на трката би ги демотивирало кандидатите, би го поткопало кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало сопственото влијание на Унијата во нејзиното соседство“, стои во докумнетот.
Се бара и методологијата за пристапување да биде иста за сите земји, а не да се прилагодува за секоја земја, со што би се компромитирала предвидливоста, а со тоа и кредибилноста на процесот. Со нон-пејперот се бара и еднаквост по пристапувањето.
„Поголемата Унија мора да биде способна да ги брани своите интереси, да ги одржува своите вредности и ефикасно да реагира на кризи. Ова бара сериозна посветеност на внатрешните реформи што вклучуваат политики и институционално функционирање. Ваквата основна работа треба да продолжи паралелно со проширувањето, но не треба да го префрла товарот на нерешените внатрешни прашања врз идните земји-членки“, се наведува во документот.
Според потписничките на нон-пејперот тоа значи наоѓање хоризонтални решенија, а не ограничувања специфични за кандидатите. Според нив, различното учество на земјите во специфични политики на Унијата може да биде оправдано, само ако е регулирано со специфични законски барања и услови, како влез во Шенген зоната, но таквите ограничувања да се не растегнуваат во пошироки форми на различно членство, ниту да генерира регулаторни асиметрии во рамките на внатрешниот пазар.
Нон-пејперот ги опфаќа и Договорите за членство при што се наведува дека тие за новите членки можат да се надградат врз основа на постоечките секторски заштитни мерки и преодни мерки, но да бидат пропорционални и временски ограничени, со јасни индикатори за активирање.
Во делот на заштитните клаузули за новите членки се наведуваат и добрососедските односи, во насока на спроведување на меѓународните договори и по пристапувањето. Сепак, потписничките на нон-пејперот, меѓу кои е и Грција, наведуваат дека тоа нема да создаде нови обврски, туку ќе ги зајакне обврските кои претставуваат составен дел од условите врз кои се темели пристапувањето.
Тамара Грнчароска
