Иако се организираше под мотото, „Сила на единството“ , воената парада која се одржа денеска во Белград повторно ја потенцираше поделеноста во српското општество.
На воената парада пред палатата „Србија“, учествувале повеќе од 10 000 учесници, кои претставиле околу 2 500 илјади единици вооружување и воена опрема, 600-тини воени возила, 70 воздухоплови и 20 пловни објекти.
Прв пат пред јавноста биле претставени израелските ракетни системи „ПУЛС“ и беспилотните летала „Хермес 900“, како и дроновите самоубијци „Шедоу“ и рускиот систем за електронско војување „Красух“.
Едно од изненадувањата за воените аналитичари, беше прелетот на француските борбени авиони Рафал.
Владата на Вучиќ нарача 12 вакви повеќенаменски авиони кои треба да бидат доставени во наредните години.
Во својата порака, по завршувањето на парадата, српскиот претседател порача дека парадата е доказ за опстанокот и победата на Србија, која сака мир и просперитет и умее да го сочува своето достоинство, територија и иднина.
Но ништо од мотото „Сила на единството“, кога присуството на парадата беше строго контролирано.
Полицијата само на одредени групи граѓани им дозволи да пријдат до местото каде се одржа парадата и да ги поздрават војниците.
Студентите и граѓаните кои ги поддржуваат нивните протести против владата на Вучиќ беа спречени истото да го направат.
Како што и најавија, студентите во блокада и граѓаните кои стојат зад нив се собраа кај кружниот тек во Нов Белград, но полицајците многу ревносно внимаваа ниту еден од нив да не може да помине и ги држеа под контрола.
„Тие може да присуствуваат на парадата, а ние обичниот народ не можеме, односно студентите, затоа што студентите нѐ повикаа. Јас не сум студентка, јас сум во пензија. Но, ги поддржувам студентите, го подржувам ова движење. Го подржувам сето ова што може да доведе до промени, до подобар живот. Од сето ова што ни се случува, како е и како живееме, искрено да ви кажам – смачено ни е“ – изјави Весна Стојадиновиќ, која ги поддржува протестите на студентите.
„Сето ова е само за да тој ја покаже својата, како да кажам, моќ и диктатурата. И ништо повеќе, а мене ми е жал што овие луѓе тука и војската, мора сето тоа да го трпи. Но, повторувам -тоа е нашата војска и дојдовме денеска да ја поздравиме“ – рече Владимир Штимац, поранешен српски кошаркар и репрезентативец а сега политичар .
Опозицијата забележува и дека на парадата не присуствувал ниту еден од светсктие државници, освен еден шеик, оценувајќи дека тоа е и најдобрата илустрација за позицијата на српскиот претседател во меѓународната политика.
Никола Илиевски










