Дел од Скопје утрово се разбуди во магла и загаден воздух. Во населбите Аеродром, Ново Лисиче видливста е намалена како да е зимско утро, вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 се во црвената зона, а во воздухот и понатаму се чувствува мирис на изгорено.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов смета дека ова не е чад, туку магла која е вообичаена за овој период од годината.
„Јас живеам во РЦ Аеродром. Очигледно е дека надвор има магла. Но магла има и во повеќе други делови од државата односно има насекаде каде што тоа е вообичаено за овој период од годината“, напиша Ангелов во Вибер групата преку која комуницира со новинарите.
Еве ја информација која тој ја сподели:
- „УХМР околу 8.30 ќе излезе со официјална информација на кои места во државата има магла. Очекувам оваа магла да исчезне за неколку часа, а најверојатно и побрзо. Чадењето од депонијата Дрисла е сеуште присутно но во многу помал обем и не е причина за маглата. За да избегнеме полемики дали воздухот е дополнително загаден од депонијата Дрисла, упатувам да се побара официјална информација од надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање каде постои Одделение за мониторинг на квалитет на воздух. Исто така квалитетот на воздухот може да се провери преку интернет каде се достапни различни мерачи на квалитетот на воздухот на повеќе локации низ Скопје но укажувам дека дел од нив се неофицијални односно не се баждарени. Официјални податоци можат да се добијат на следниот линк: http://air.moepp.gov.mk“
Во однос на состојбата на депонијата Дрисла, Ангелов информира дека во текот на вчерашниот ден бил затрупан дел од просторот на депонијата од кој имаше чадење, а денес затрупувањето продолжува со засилено темпо, бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка.
Дивата депонија Вардариште е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење, тврди Ангелов и најавува детални информации во текот на денот.
