Американските истражни органи уапсиле лице осомничено дека го извршил убиството на Чарли Кирк, конзервативниот активист и лојален поддржувач на претседателот Доналд Трамп, потврди денеска гувернерот на Јута, Спенсер Кокс.
„Го имаме. Во вечерните часови на 11-ти септември, член на семејството на Тајлер Робинсон му се обратил на пријател на семејството, кој ја контактирал канцеларијата на шерифот на округот Вашингтон, со информација дека Робинсон им признал или навестил дека тој го извршил убиството“ – изјави гувернерот на Јута, Спенсер Кокс.
Истражните органи веруваат дека Робинсон дејствувал сам, но истрагата сѐ уште трае.
Според Гувернерот Кокс, истражните органи интервјуирале еден од членовите на семејството на осомничениот, кој изјавил дека Робинсон, станал се повеќе политички ангажиран во последните години, споменувајќи го и фактот дека Кирк ќе го посети Универзитетот во Јута.
„Зборувале и за тоа зошто не им се допаѓа и ставовите кои ги застапувал. Членот на семејството исто така кажал дека Кирк бил полн со омраза и ширел омраза“ – додава Кокс.
Осомничениот Робинсон е на возраст од 22 години. Гувернерот на Јута им се заблагодари особено на членовите на семејството на уапсениот Тајлер Робинсон, затоа што ја направиле вистинската работа и ги споделиле важните информации со безбедносните служби.
Кокс потврди и дека истражните органи на дел од куршумите кои не биле испукани биле откриени пораки, кои сугерираат за мотивот на нападот. Една од пораките била: Еј фашист, фаќај ; како и „О бела чао, бела чао“, односно славната италијанска песна од втората светска војна за борбата против нацистите.
Пред официјално да бидат соопштени информациите за апсењето на Робинсон, на телевизискиот канал Фокс Њуз, добрата вест на нацијата побрза да и ја соопшти Претседателот Трамп, само неколку минути откако ги добил првите вести.
„Со висока доза на сигурност, го фативме. Во притвор. Сите завршија одлична работа, локалната полиција, гувернерот, сите завршија одлична работа.“ – изјави Трамп за Фокс Њуз.
Претходно локалните власти објавија кратко видео и фотографии од атентаторот снимени од надзорните камери на кампусот и побараа помош од јавноста во неговото идентификување.
Никола Илиевски
