Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина започнала со подготовка на нов безбедносен систем „на копно, во воздух и на море“, со цел да изврши притисок врз Русија да се приближи кон мир.
Обраќајќи се на економскиот форум Амброзети преку видеоповик, тој нагласи дека деталите засега се доверливи.
Зеленски соопшти дека 35 држави се дел од т.н. Коалиција на подготвените, од кои 26 се веќе подготвени да понудат „реална поддршка за безбедноста“, вклучително и САД.
Тој подвлече дека гаранциите за безбедност треба да стапат на сила уште сега – додека трае војната – а не дури по нејзиното завршување.
Претседателот Зеленски додаде и дека американскиот претседател Доналд Трамп бил „многу разочаран“ од Словачка и Унгарија поради продолженото купување руска нафта.
„Енергетската независност од Русија е клучна за силни односи со САД“, истакна Зеленски.
