Веќе некое време онколошките пациенти се соочуваат со нов проблем – на Клиниката за онкологија не можат да ги направат потребните анализи за тумор маркери. Се работи за испитувања кои се клучни во следењето на терапијата и во контролата на болеста, а нивното отсуство предизвикува голема неизвесност кај пациентите, кои за овој проблем се пожалија во нашата редакција. Утринава на Клиниката затекнавме голем број пациенти кои доаѓаат редовно на терапија и зад камерите го потврдија овој проблем.
Онколошките пациенти немаат можност анализите за тумор маркери да ги прават на Клиниката за онкологија. Се жалат дека поради недостиг на реагенси на Клиниката, испитувањата треба да ги прават приватно и да платат високи суми за тоа.
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, потврдува дека реагенси навистина нема, но додава дека тендерската постапка за набавка е во жалбена фаза. Тој вели дека пациентите може да бидат пренасочени во биохемиски лаборатории со кои Фондот има договор.
„Тендерот за реагенсите за дел од туморските маркери е во жалбена постапка. Пациентите можат со интерклинички упати да бидат упатени во лабораторијата на УК за клиничка биохемија или во други биохемиски лаборатории кои имаат договор со ФЗО и ја даваат оваа услуга“, соопшти Игор Стојковски, директор на Клиника за радиотерапија и онкологија.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски пак вели дека испитувањата може да се прават и во други лаборатории.
„Дел од директорите на Клинички центар практикуваат да ги препраќаат пациентите за лабораторија преку матичните лекари бидејќи они на тоа гледаат како заштеда на нивниот буџет. Ама нас како Фонд ни е сеедно дали ќе ја платиме лабораторијата издадена преку матичен лекар или на Клиничка биохемија. За жал имаме информации од неколку клиники дека ги упатуваат пациентите преку матичен лекар да ги направат анализите“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Од здружението „Хема Онко“ велат дека и до нив стигнале поплаки од пациенти, кои биле препраќани во биохемиски лаборатории за да ги направат анализите.
Ова не е првпат онколошките пациенти да се соочуваат со недостиг на Клиниката. Во изминатиот период повеќепати немаше ни терапија, а најчесто оправдување беше дека се доцни со тендерските постапки за набавка.
Тамара Марковска
