Вести Македонија Најважни

Три компании во трка по фреквенции – денеска во АЕК се отвораат понуди за нов мобилен оператор

Oтворaње на понудите од тендерот за трет мобилен оператор е најавено за денеска во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Јавно наддавање е предвидено ако за исто одобрение за користење радиофреквенции се квалификуваат најмалку двајца понудувачи.

Доколку се заокружи постапката со која што покрај „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ во државава ќе добиеме нов мрежен оператор, според оценката на експертите од телекомуникациската област, тој ќе цели да преземе дел од пазарот од постоечите мобилни оператори и да навлезе со сервиси кои се помалку достапни на пазарот. Ќе биде клучно да обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, квалитетот на сервисите и цените.

Заклучно со првиот квартал од годинава, во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, во кои удел од 47,69 проценти има А1 Македонија, 46,66 проценти Македонски Телеком, 3,38 проценти на М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година, 1,34 проценти на Телекабел, 0,38 проценти Мтелмобајл, 0,10 проценти Греен мобиле.

АЕК, со тендерската постапка што ја објави на 18-ти минатиот месец, треба да додели одoбренија за три фреквенции, А1 за радиофреквенциски опсег 703-713/758-768 MHz (2×10 MHz) на целата територија, Б1 за радиофреквенциски опсег 1775-1785/1870-1880 MHz (2×10 MHz) и C1 за радиофреквенциски опсег 3.5-3.6 GHz (1×100 MHz). Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за добивање одобрение за користење на радиофреквенции за одобрението А1 изнесува 4,2 милиони евра, за В1 – 1,5 милион евра, а за С1 – 2,32 милиони евра. Одобренијата A1 и С1 се издаваат за период од 12 години, а одобрението В1 за осум години. Kритериум за избор на најповолен понудувач за доделување на одобренијата е висината на еднократниот надомест.

Одлуката за избор на понудувачи кои ќе учествуваат во постапката на јавно наддавање треба да се донесе во рок од 10 дена од отворањето на понудите. Во неа ќе се утврди местото и времето на одржување на јавното наддавање што нема да биде пократко од 14 дена и подолго од 30 дена од нејзиното носење.

АЕК на 22 април годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар. По завршување на јавната расправа до АЕК пристигнаa Писмa за искажување интерес од три заинтересирани страни: ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е&ппф Телеком Груп Б. В.

Во државава има 681.997 резиденцијални при-пејд, 1.010.947 пост-пејд претплатници, како и 249.052 деловни пост пејд. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во првите три месеци од годинава Македонски Телеком има удел од 49,77, А1 Македонија од 47,71 процент, МТЕЛ – 1,34 проценти, Телекабел –  0,81 процент, Мтелмобајл – 0,25 проценти, Греен Мобиле – 0,12 проценти.

Според Испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации, објавено на почетокот на минатиот месец, најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 проценти. Анкетата покажала дека 68,9 проценти од испитаниците имаат двегодишен договор со некој од операторите, а 23,5 проценти немаат потпишано договор со временска рамка. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (61 процент) или добиле телефонски апарат бесплатно (24,8 проценти). Најголем дел од испитаниците или 90 проценти користат интернет преку мобилниот телефон. Во врска со оваа услуга најголем степен на задоволство кај испитаниците има во однос на достапноста и брзината на мобилниот интернет (92 проценти), додека понизок во однос на цената на услугата (78 проценти).

Претплатниците во мобилната телефонија во државава, во четвртиот квартал лани, просечно иницирале 107,96 повици месечно, а зборувале 235,9 минути.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Тинка Ристеска, доајенка на театарот во Струмица

Дејан Дејан

Судот во Сеул го осуди поранешниот претседател на Јужна Кореја на две години затвор

Sasko Dimovski

Почина актерот Сем Нил, звезда на филмот „Јура парк“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе