Ќе го имаме најдобриот главен град, како друго место е, сега сите се безбедни, порача американскиот претседател Доналд Трамп за време на посетата на командниот центар во Вашингтон за припадниците на полицијата, Националната гарда и федералните агенти кои ја спроведуваат неговата акција за борба против криминалот во главен град.
Трамп изјави дека вечерва ќе патролира по улиците на Вашингтон со полицијата и војската по минатонеделното распоредување на околу 800 припадници на Националната гарда во Вашингтон.
„Мислам дека вечерва ќе излезам со полицијата и, секако, со војската“, рече Трамп во интервју за „Њузмакс“, пренесоа британските медиуми.
Трамп минатата недела распореди војници на Националната гарда и федерални агенти во Вашингтон, изјавувајќи дека привремено ја презема градската полициска станица поради бран насилни злосторства, обвинение што градските власти го негираа.
За време на посетата, на американскиот претседател му се придружија американската државна обвинителка Пам Бонди, неговата началничка на кабинетот во Белата куќа, Сузи Вајлс и заменик-началникот на кабинетот Стивен Милер, архитект на Трамповата репресија врз мигрантите.
Администрацијата на Трамп неделава им наложи на федералните обвинители во Вашингтон да бидат поагресивни во поднесувањето на кривични обвиненија против уапсените лица како дел од акцијата во главниот град, потврдија три лица запознати со ситуацијата.
Потегот ја означува ескалацијата на мерките на Трамп против она што тој го опиша како бран на криминал и бездомништво во Вашингтон.
