Фондот за здравство по јавно изнесените тврдења за наводни непотребни медицински интервенции во приватните болници се јави со реакција.
- Во рамки на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод.
Од Фондот потенцираат дека во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства.
Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Реакцијата на ФЗО следи откако неодамна кардиологот Сашко Кедев во гостување на Канал 77, рече дека во приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел да се стекне поголем профит.
Министерството за здравство најави дека ќе ги проверува тврдењата на кардиологоот Сашко Кедев дека приватни болници правеле непотребни операции на отворено срце само за да земат државни пари. Министрерството најави итни, вонредни надзори.
Реагираа и од болницата „Аџибадем Систина“, според нив овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти.
Од таму ја уверуваат јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа.
- Бидејќи во изјавата, д-р Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараме точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава. Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед, стои во реакцијата на „Аџибадем Систина“.
