Вести Најважни Свет

Неизвесност по самитот Трамп – Путин: Зеленски во понеделник во Белата Куќа

Трамп го пречека Путин со црвен тепих на Алјаска и испрати со воена придружба на американските борбени авиони Ф-22, но без ништо конкретно да биде договорено во однос на војната во Украина.

Ова би бил накусо епилогот од помпезно најавуваниот самит на претседателите на Соединетите американски држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.

Ништо не беше договорено, освен што двете страни изразија задоволство од начинот на кој се одвивале разговорите.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во понеделник ќе пристигне во Белата Куќа, во надеж дека овој пат ќе биде прифатен попријателски во споредба со својата последна посета.

Трамп по самитот во интервјуто кое го даде за Фокс Њуз повторно го подвлече својот бизнис пристап, советувајќи го Зеленски – да направи договор.

„Состанокот беше многу пријатен состанок. Знаете, тој е многу силен човек, „тврд орев“ и сето тоа. Но, состанокот беше многу пријатен меѓу две многу значајни земји и многу е добро кога тие се согласуваат. Мислам дека сме многу блиску до тоа. Секако, Украина исто така мора да се согласи. Можеби ќе кажат „не“, затоа што Бајден им даваше пари како да се „бонбони“ и Европа им даде многу пари. Знаете, ние им дадовме 350 милијарди долари. Европа даде многу помалку, но сепак многу, 100 милијарди долари“  – изјави Трамп.

Што би бил вашиот совет врз основа на денешните разговори кога ќе зборувате со Володимир Зеленски? Што е вашиот совет? , праша новинарот – Направи договор, одговори Трамп. – Да направи договор? -Мора да направи договор, да.

Рускиот претседател исто така изрази подготвеност и како што рече, искрена заинтересираност за завршување на војната во Украина, но и ги предупреди властите во Киев и европските престолнини, да не прават интриги зад сцената кои би го спречиле напредокот.

„Се согласувам со Претседателот Трамп, тој зборуваше денеска за тоа, дека секако и безбедноста на Украина мора да биде обезбедена. Секако, ние сме подготвени да работиме за тоа. Би сакал да се надевам дека разбирањето кое го постигнавме ќе ни овозможи да се приближиме до таа цел и ќе го отвори патот кон мирот во Украина. Очекуваме дека Киев и европските центри ќе го гледаат ова на конструктивен начин и нема да создаваат некои пречки, нема да прават обиди за нарушување на прогресот кој се навестува преку провокации или интриги зад сцената“ – изјави Путин.

Иако Трамп не даде никаква информација за тоа што било разговарано со руската делегација, во неговиот пост на социјалната мрежа Трут Сошал, навести значајна промена на неговиот претходен став.

Трамп пред средбата со Путин, навестуваше дека очекува барем договор за прекин на огнот, но сега напиша дека најдобар начин за завршување на војната е директен мировен договор а не прекин на огнот, кој често може и да не се почитува.

На прв поглед, тоа звучи убаво, но во суштина е добра вест за Русија, проценуваат аналитичарите.

Мировните преговори вообичаено траат долго, а за официјална Москва ова значи дека додека преговара за мир, може да продолжи со своите интензивни воени операции во Украина, каде во последниот период забележува успех и зазема се повеќе територија.

А следната средба Трамп – Путин можеби и ќе се одржи во главниот град на Русија. Барем таква е желбата на шефот на руската држава.

„Уште еднаш, ви благодарам многу Г-дин Претседател и ќе разговараме многу скоро и веројатно ќе се видиме наскоро. Ви благодарам многу, Владимир“ – рече Трамп. – Следниот пат во Москва?, праша Путин.  Ах, тоа е интересно. Не знам, ќе ме напаѓаат за тоа но и може да се случи. Ви благодарам, Владимир, заврши Трамп.

Европските лидери пак објавија заедничка изјава во која посочуваат дека „следниот чекор мора да бидат дополнителни разговори во кои ќе биде вклучен и Претседателот Зеленски“.

„Подготвени сме да го задржиме притисокот врз Русија и Украина може да смета на нашата солидарност, додека работиме за мир кој ќе ги гарантира Украинските и Европските безбедносни интереси“, се вели во изјавата која  ја потпишаа и Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, францускиот Претседател, Макрон, Германскиот канцелар Мерц, Италијанската премиерка, Мелони,и британскиот Премиер, Кир Стармер.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Непочитување на стандарди, регулатива и процедури покажало градежното вештачење на „Пулс“

Kristina Kuzmanovski

СДСМ не ја прифати поканата на Левица за состанок за Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

Распишана меѓународна потерница по Александар Лазаров, кој избега преку прозорец од кочанската Полициска станица

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе