Помош од НАТО ќе бара црногорската Влада за гаснење на шумските пожари од воздух, бидејќи пожарите синоќа сè уште се ширеа на неколку локации, вклучувајќи го и тој околу Подгорица, каде што во текот на денот беа изгорени неколку куќи, а неколку пожарникари беа повредени.
„Според проценката на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, моментално достапните ресурси не се доволни за ефикасно сузбивање на пожарите, особено во тешко достапните подрачја и во услови на високи температури, силни ветрови и суша“, објави владата.
Според извештаите, во моментов има активни пожари во општините Подгорица, Будва, Бар, Никшиќ, Шавник и Бијело Поље, а главниот пат Подгорица-Никшиќ е затворен за сообраќај.
Во соопштението се додава дека противпожарните авиони и хеликоптери работат со полн капацитет, но поради обемот на пожарите и ограничените технички можности, не можат да одговорат на сите барања.
„Прогнозата на Хидрометеоролошкиот завод укажува на продолжување на неповолните временски услови во наредните денови“, се наведува во соопштението.
Црногорскиот премиер, Милојко Спајиќ, изјави дека владата на Црна Гора ќе им ја обезбеди целата потребна помош на граѓаните кои претрпеа штета во пожарите, со цел да се санираат последиците и да се врати тоа што е изгубено.Спајиќ, исто така, им се заблагодари на Хрватска, Србија, Словенија, Европската Унија и НАТО за нивната помош во гаснењето на пожарот.
