На работ на светот, каде Русија и Америка речиси се допираат преку мразот и маглата на Беринговиот теснец… се кова план за мир — или можеби за нов пресврт во една од најкрвавите војни на нашето време.
За 15 август, закажана е една од најзначајните геополитички средби во последните години – состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.
Целта е да се направи обид за ставање крај на повеќе од три и полгодишната војна во Украина.Ваквата информација Москва ја дочека со оптимизам.

Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, вели дека состанокот е „логичен чекор“, бидејќи Русија и САД се „соседи“ преку Беринговиот теснец. Средбата во Алјаска – место со симболична географска и историјска тежина – би можела да го означи почетокот на нова фаза во односите меѓу двете сили.
Секако, претседателите несомнено ќе се фокусираат на дискусија за опциите за постигнување долгорочно мирно решавање на украинската криза. Гледајќи напред, природно се очекува дека следната средба на претседателите ќе се одржи на руска територија. Соодветната покана веќе е упатена до претседателот на САД, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.
Средбата доаѓа во момент кога Трамп сака брз дипломатски успех. Неговата реторика во последните недели покажува дека тој е подготвен да предложи решение кое вклучува и територијални отстапки од страна на Украина – нешто што веднаш беше отфрлено од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Сите партнери мора да разберат што е достоинствен мир. Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Русија ја започна и ја одолговлекува, игнорирајќи ги сите рокови, и тоа е проблемот, а не нешто друго. Одговорот на украинското територијално прашање веќе е во Уставот на Украина. Никој нема да отстапи од ова – и никој нема да може. Украинците нема да ја подарат својата земја на окупаторот, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Судбината на милиони во Украина – и стабилноста на Европа – можеби ќе се решаваат на северното копно на САД. Но без вклучување на Киев во преговорите, како што вели Зеленски, овој дипломатски театар ризикува да остане без сценарио.

Искрено, не ми е многу гајле, бидејќи двајца лажговци ќе се сретнат и секој ќе има свои намери. Затоа, малку е веројатно дека ќе има нешто разумно таму и многу е жално што всушност нашиот лидер е истиснат во овие преговори. И ова не е фер и е погрешно, вели Володимир Тасак, локален жител.
Немам никакви информации, само гледам колку пати Трамп постави ултиматум од една недела, сите тие барања и рокови, а потоа сè се одолговлекува. А Путин не е заинтересиран да ја заврши војната сега. Затоа, тој ќе направи сè за да го избегне ова. А средбата е еден од тие чекори за ова, вели Људмила Кострова, локална жителка.
Трамп инсистира – или договор, или нов бран санкции кон Русија, и казнени мерки за сите земји што ќе купуваат руска нафта. Политичкиот притисок и неговата реторика за „брзо решавање“ на војната се на врвот на агендата.
Ќе се сретнам многу наскоро со претседателот Путин. Ќе беше порано, но претпоставувам дека има безбедносни аранжмани што, за жал, луѓето мора да ги направат. Инаку, јас би го направил тоа многу побрзо, изјави Доналд Трамп претседател на САД .
Тековната дипломатија не се одвива во вакуум. Украинската армија продолжува да се соочува со тешки руски напади, особено во источните региони.

Притоа, самата идеја за територијални разменувања предизвикува жестоки реакции и во Западна Европа. Мир на сметка на украинска територија ќе биде преседан кој ќе ја загрози стабилноста на целиот континент, се вели во дел од пораките на европските лидери.
Александар Петрески
