Апелациониот суд Скопје повторно го осуди Васил Јованов на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ . Апелација ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Васил Јованов, по одлуката на Врховниот суд во мај годинава да укине претходната второстепана пресуда и да го врати случајот на повторно судење.
Одлуката, како што информираат од Апелација е донесена на јавна седница одржана на ден 11.06.2025 година постапувајќи по кривичниот предмет KЖ- 481/25.
-Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци, се вели во соопштението од Апелација.
