Еден ден откако американскиот претседател, Доналд Трамп најави дека европските сојузници од НАТО ќе ја финансираат продажбата на ракетните системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и друго оружје за Украина, сите страни во конфликтот ги пресметуваат последиците од неговите најави. Русија, Украина, но и државите кои во најголем дел ќе треба да ја платат високата цена за американската помош.
Првата реакција во Москва беше на берзата, каде вредноста на акциите се зголеми за 2,7%, затоа што руските власти и јавноста генерално очекуваа поостри санкции од Трамп. Фактот дека т.н. второстепени/секундарни царини против руските трговски партнери ќе стапат на сили дури 50 дена подоцна и дава доволно време на Русија да се подготви и реагира соодветно.
Кога треба да се реагира остро против ставовите на западните сојузници, прв во таа улога е Дмитри Медведев, актуелниот заменик претседавач на Советот за Безбедност на руската федерација.
„Трамп објави театрален ултиматум до Кремљ. Светот се тресеше, очекувајќи ги последиците. Воинствената Европа беше разочарана, а на Русија и беше сеедно“, објави Медведев на социјалните мрежи.
Веројатно најзадоволен од најавите на Трамп е украинскиот лидер, Володимир Зеленски, кој неодамна беше на мета на гневот на Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, кои го обвинуваа за неблагодарност и неподготвеност за мир.
А на улиците на двата главни града на завојуваните страни, Москва и Киев, денеска реакциите се дури и зачудувачки слични. Дури и двете страни како да се подеднакво сомничави во намерите на Трамп и неговата подготвеност често да ги менува своите ставови.
„Што е нормално во тоа што го зборува Трамп? – Јас тука не гледам ништо ново. Не треба да придаваме преголемо значење на тоа што тој го зборува. Треба да разбереме што треба правиме и да го направиме тоа. Толку“, рече жител на Киев.
„Ако нема прекин на огнот, ќе падне неговиот рејтинг. Тој сака да биде миротворец. На негова команда, ќе свирне со свирчето и сe ќе запре и ќе има мир. Тоа е невозможно“, изјави жител на Москва.
Логиката на Трамп за начинот на кој ќе се доставува американската помош функционира на неколку нивоа.
Со тоа што оружјето го продава на eвропските држави, а не директно на Украина, тој може да се изолира од политичките критики дека не го исполнува ветувањето од кампањата за намалување на американското мешање во војните во странство.
Истовремено, тој очекува и голема финансиска придобивка. Секој ракетен систем „Патриот“ чини околу една милијарда долари, а Трамп во секоја своја одлука го потенцира профитот.
Никола Илиевски
