Пожарникарите, тимовите на ДЗС и армијата денеска продолжуваат да ги гаснат петте пожари кои се активни на територијата на државата. Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) гори кај село Николиќ и на териториите на општините Велес и Македонски Брод, како и две депонии во скопскиот регион.
Кај Горњани во Чучер Сандево, по речиси една недела битка со огновите, пожарот е локализиран и доколку временските услови останат исти се очекува да биде изгаснат. Во велешко, кај селата Џидимирци и Крушје, гаснат две екипи на Национални шуми со возила, екипа на велешките пожарникари со цистерна и 30 припадници на АРМ. Кај Николиќ пожарот го гаснат тимовите на ДЗС заедно со пожарникари од Дојран, Валандово и Струмица, како и 30 вработени на национални шуми. Таму се интервенира и со четири пинцгауери и две противпожарни возила а се гаси и од воздух.
„Во овој момент немаме ниту еден критичен пожар од аспект на загрозување на села, населби или друг тип на населени места и викендици. Два „Ер трактори“ на ДЗС дејствуваат врз пожарот над село Николиќ кој се движи кон валандовската страна и овој пожар е под само ставање под контрола и очекувам тоа да се случи до крајот на денот“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Последниот активен пожар е во реонот на Општина Македонски Брод. Таму гасат два тима со осум вработени во Национални шуми, две цистерни на пожарникарите од Македонски брод, тимови на „Македонија пат“, а поставен е монтажен базен за хеликоптерот на МВР кој доколку процените покажат ќе се вклучи во гаснењето во попладневните часови.
На огласите за обука за пожарникари имало голем интерес, а Ангелов ги повика граѓаните кои ги исполнуваат условите и се во добра физичка и здравствена кондиција да се пријават.
„Се појавија одредени нејаснотии каде граѓаните да аплицираат. Токму затоа ги повикувам сите граѓани за оваа владина мерка да се пријават во локалниот центар за вработување во градовите доколку ги има или во некој од соседните градови ако ги нема. 13 општини аплицираа. Бројот на лица кои ќе бидат ангажирани е различен од општина до општина. Во Град Скопје преку Општина Кисела вода преку оваа мерка треба да бидат ангажирани 80 лица“, додава Ангелов.
Огласите за обука, а потоа и потенцијално вработување на 400 пожарникари во 13 единици низ државата ќе биде отворен до четврток.
Огнен Чанчаревиќ
