Вести Македонија Најважни

Повеќе премиери го најавуваа, неколку рокови пробиени, милиони потрошени – почна да се гради во 2014 година, денеска пуштени 20 километри од автопатот Кичево – Охрид

Пробиени повеќе рокови, сменети неколку премиери, потрошени милиони, а денеска се пуштени во употреба 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, речиси половина од целата делница. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лани даде најнов рок до крајот на 2026 година, за завршување на работите. Партијата на власт којашто пред повеќе од една деценија почна да го гради автопатот, денеска се пофали дека се откочуваат инфраструктурните проекти во државата.

„Само една година откако ја преземавме одговорноста да ја водиме државата, успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија. Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денеска е симбол на новото време. Седум години траеше чекањето, ветувањата без дела, бесцелното трошење време, пари и и нерви на граѓаните“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Министри, заменици, директори, пратеници денеска беа во прв ред на пуштањето во употреба на дваесетте километри, на потегот од Врбјани до Ботун. Надлежните со порака дека за многу скоро време ќе биде завршен и вториот дел од патот, а до крајот на 2026 година, целиот автопат со должина од 57 километри.

„Ова беше работа под притисок, условно кажано. И тој притисок го издржаа, покажавме дека можеме да работиме под притисок кога треба да ја оствариме целта. Голема благодарност на работниците коишто се најзаслужни за реализацијата на овој пат, коишто работеа по дожд, на снег и летно време на сонце. Кога се сака, тогаш се може“, истакна Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

„Побрзо да се патува и до Тетово и до Гостивар и до Скопје, да се поврзе Македонија со Албанија и секако да се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите оние коишто сакаат да ги посетуваат. Ветив дека за проблемите ќе зборувам кога ќе го завршиме целиот автопат, а тоа е на крајот на следната година“, рече Александар Николоски, министер за транспорт.

Автопатот започна да се гради во 2014 година во времето на Груевски. Неговата Влада тогаш вети дека ќе биде готов до 2018 година. Откако дојде на власт СДСМ во 2017 година, беше посочено дека проектот е со недоследности, проблеми на трасата и бројни свлечишта, а првичниот проект претрпе промени и видоизменување. Неодамна, познавачите алармираа дека свлечиштата коишто настанаа на трасата, не биле земени предвид и дека нивната појава прави дополнителни трошоци за изградбата. Се појавија и критики дека се прави автопат по проект стар повеќе од 40 години. Досега, за изградба на автопатот се одобрени и земени кинески кредити во вредност од над 600 милиони евра, вклучително со сите анекси на договорите. Во минатото имаше и судски предмет воден од СЈО со назив „Траекторија“, за евентуални злоупотреби. Со измените на Кривичниот законик, запре прогонот за обвинетите.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со 69 гласови „за“ избрани новите министри

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 15.7.2026

meteo

Мицкоски се извини: „Тоа никогаш нема да ни се повтори“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе