Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои Извештајот за Македонија на известувачот, европратеникот, Томас Вајц, со 40 гласови „за“, 19 „против“. На гласањето му претходеше устен амандман кој дојде од најголемата пратеничка група во Европскиот парламент, Европските народни партии, кои се сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ, а во чие име го поднесе координаторот на пратеничката група, германскиот европартеник пратеникот Михаел Галер.
„Во има на групата, би сакал да предложам еден устен амандман кој се однесува на компромисите еден и 10 со едноставно додавање на зборен „модерен“ на четири места. Па така би било модерен македонски јазик и идентитет“, рече Галер.
Предлогот на Галер не помина, бидејќи на него се спротивставија шест пратеници од групата Патриоти, но тој најави дека истиот амандман ќе биде предложен и на пленарната седница на Европскиот парламент, која терба да се одржи во јули, за кој се согласиле четири групи во Европските парламент.
„Би сакал да го информирам Комитетот дека има разбирање меѓу Европските народни партии, Социјалистите и демократите, Обнова на Европа и Зелените да го поднесат идентичен мандат на пленарната седница“, рече Галер.
Известувачот за Македонија, европратеникот Томас Вајц, по усвојувањето во писмена изјава напиша дека е горд на целата напорна работа која била вложена во изнаоѓање на компромис.
„Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата по 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран Извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, напиша Вајц во својата изјава.
Еден од компромисните амандмани на Членот 2 од Извештајот, како што објави Дојче веле, се однесува на признавање на македонскиот јазик и идентитет.
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”, гласи компромисниот амандман на Член 2 од Извештајот за Македонија.
Гласањето инаку помина во затегната атмосфера во која претседавачот со Комитетот, Дејвид Макелистер, потсети дека минатата година не беше усвоен Извештајот за Македонија и оти се надева дека за тоа ќе се случи денеска, бидејќи на Европскиот парламент му е потребна позиција по прашањето на пристапувањето на сите земји-кандидати. Мекалистер притоа повика извештајот на Вајц да се поддржи без изменети формулации и ги осуди нападите врз известувачот во изминатите недели во кои тој беше обвинуван за пристрасност и дека лошо ја сработил својата работа.
По изгласувањето на Извештајот бугарскиот европратеник, Ивајло Валчев, реагираше бурно, со барање .
„По состанокот ќе имам малцинска позиција која ќе ви биде презентирана“, рече Валчев.
Инаку во Извештајот на Вајц за Македонија ѝ се дава целосна поддршка на земјава за европска интеграција, но и се бара усвојување на уставните измени, со охрабрување на политичките партии на конструктивен дијалог за постигнување консензус за потребните уставни амандмани. Во делот на функционирање на демократските институции, пак, се нотира голема политичка поларизација во земјата, потреби од измени на Изборниот законик, подобрување на мерките за финансирање на политичките партии и нивните кампањи, пред сè транспарентноста, почитување на принципот на заслуги во јавната администрација и транспарентност при вработувањето во неа. Во извештајот на Вајц се нотира и загриженост за влошување на следењето на корупцијата, посочувајќи дека причина за тоа се и измените на Кривичниот законик, а се забележува и дека останува ниската доверба во судството.
Вајц, кој доаѓа од групата на зелените во Европскиот парламент, во Извештајот за Македонија бара и земјата да преземе итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Тамара Грнчароска