До рано утрово во судот во Кочани траело одлучучувањето, по што во 4 часот наутро, судија на претходна постапка му определил притвор на Александар Нацев, нов осомничен во истрагата за пожарот во Пулс и тоа не како официјален туку како реален сопственик на агенцијата за обезбедѕвање Рубикон. Судот сметал дека се исполнети две причини за Нацев да добие притвор односно ги исполнил условите:
ЧЛЕН 165 СТАВ 1 ОД ЗАКОН ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА
1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство;
2) постои основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите;
Адвокатите на Нацев телефонски ни потврдија дека не биле прифатени нивните барања за определување на поблаги мерки за обезбедување, како куќен притвор или мерки на претпазливост.
Сигурно ќе поднесеме и жалба, бидејќи сметаме дека обвинителството не достави доволно правно релевантни гфакти за постоење на основано сомневање дека Нацев го сторил кривичното дело, но сдуот сепак определи притвор, ни рече телефонски, неговиот адвокат.
По притворањето на Нацев, кој е вработен на Воената Академија сега се поставува прашањето како и дали ќе учествува во образовните активности на оваа високобразовна институција. Од Академијата ни одговорија дека Нацев бил вработен во средина на академската година, а на неговиот инстаграм профил стои дека на 19-ти декември лани „се вратил дома“ покрај фотографија пред грбот на Академијата.
-Лицето за кое прашувате е избран во научно наставно звање, вонреден професор со одлука на Наставно научниот совет на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ на 30.01.2025 година. Претходно е вработен на Воената академија со Договор за вработување на 12.12.2024 година, а на 17.12.2024 е распореден на работно место Наставник/соработник, во Катедра за безбедност, и кризен менаџмент, заштита и спасување, во Сектор за настава, во Воената академија. По однос на информацијата дека е изречената мерка притвор, до овој момент Министерството за одбрана нема добиено формално правно решение од страна на Судот. По добивањето на овој вид Решение, Министерството за одбрана ќе преземе соодветни мерки согласно позитивните законските прописи, ни одговорија од Министерството за одбрана.
Нацев е осомничен за предизвикување општа опасност бидејќи обвинителството тврди дека тој стоел и ги правел плановите за обезбедување на Пулс заедно со вистинските сопственици и покрај тоа што немале никаков договор со Рубикон.
По ланската промена на власта, Рубикон почна да реди тендери за обезбедување и зделки во Скопје, Кочани и Прилеп. Нацев е универзитетски професор, поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во 2017-та често држеше партиски прес конференции во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
Миомир Серафиновиќ