Дежурниот доктор од Кавадаречката болница, кој го прегледал тригодишното дете кое почина на пат за Скопје во понеделникот наутро, проценил дека нема потреба од хоспитализација. Упат за Клиниката за детски болести во Скопје издал на инсистирање на родителите, но детето не стигна до болница. Починало по пат, констатира Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
При вчерашниот вонреден инспекциски надзор, Инспекторатот не констатирал недостатоци од нивна надлежност, а со оглед на тоа што немаат надлежност за стручниот дел од работата на здравствените работници, ќе поднесат иницијатива до министерот за здравство за формирање комисија за стручен надзор, која треба да утврди дали имало пропусти во лекувањето.
„На 03.06.2025 година. во 05.00 часот, детето било донесено во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци од страна на неговите родители, прегледано од дежурен доктор, специјалист по детски болести, кој врз основа на прегледот и испитаните параметри, проценил дека нема потреба од хоспитализација. На инсистирање на родителите бил издаден упат за ЈЗУ УК за детски болести Скопје каде детето било однесено со сопствен превоз“, наведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Детето било донесено на Детската клиника во Скопје три часа подоцна, но веќе било починато. Веднаш било однесено во оддел за интензивна нега и реанимација, но не покажувало знаци за живот.
Родителите на детенцето, кое имало и претходни болести, бараат да се испита лекарска грешка, зашто сметаат дека во Кавадаречката болница не ги сфатиле сериозно и во Скопје ги испратиле да одат со приватно возило, наместо со Амбулантно.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера изврши надзор во ординацијата на матичниот лекар на детето во Кавадарци, во болницата во Кавадарци и во Детската клиника во Скопје.
Кавадаречката болница формирала и внатрешна комисија, во состав од тројца доктори, за утврдување на материјална одговорност на здравствени работници кои учествувале во лекувањето на детето.
„Ја уверуваме јавноста дека безбедноста и здравјето на пациентите како и транспарентноста во работењето се наш врвен приоритет“, се вели во соопштението, потпишано од в.д. директорката, Гордана Камчева.
Тие соопштија дека внатрешната комисија треба да изготви посебен извештај во врска со случајот по што ќе ја информираат и јавноста.
Срѓан Стојанчов
