Мерката скалести маржи од почетокот на месецов не е на сила, а од она што може да се забележи во големите маркети е дека цените на голем дел од производите засега не се значително или воопшто покачени. Инспекторите ги проверуваат маркетите, а од економија остануваат на ставот дека доколку има екстремни покачувања на цените ќе предложат до Владата поригорозни мерки од скалестите маржи, но сепак не откриваат за какви мерки станува збор.
Граѓаните сметаат дека цените се високи за нивниот стандард и Буџет, но и дека цените не се зголемени откако се укинаа ограничувањата на маржите.
Од пазарната инспекција соопштија дека нивните инспектори се на терен и засега не забележале скок на цените кај 30 до 50 групи основни прехранбени производи. До крајот на месецот инспекторатот ќе почне со контроли и на увозниците и дистрибутери, а наредната недела и производителите.
„Инспекторите се постојано на терен. Не се забележани драстични поскапувања, особено во делот на основните прехранбени продукти. Има мало зголемување на цените на хемиските производи поради нискиот обрт. Наредната недела почнуваат контроли и производителите, се проверува цената бруто профитната маржа и книжењето на трошоци а до крајот на месецот контролите ќе се прошират и на увозниците дистрибутери како и ланците маркети за да се провери и утврди цената од влез во државата до рафт“ изјави Влатко Стојковски, директор на ДПИ.
Задолжителната обврска која ланците марките ја имаат за објавување на цените на веб-страните делумно се почитува и инспекторатот изрече опомени на дел од маркетите кои немаа или немаат јасно и видливо истакнати ценовници. Таа стапи на сила на 18 април, а во меѓувреме во министерството за економија имаше средба на која новоформираната комора побара пролонгирање на рокот за 30 дена за да можат да ги изработат ценовните и веб-страните. Пазарната инспекција најавува дека во наредниот период ќе врши проверки дали цените на веб страните и на рафтовите се исти.
Власта и опозицијата денес со серија меѓусебни обвинувања. Од СДСМ сооопштија дека цените се покачени на некои производи и до 60 проценти а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ го зголемила ДДВ од 5 на 10% на 1.500 прехранбени производи.
Огнен Чанчаревиќ
