Поранешната врховна судијка Вера Коцо во ТОП Тема на Телма толкува дека во моментот судбината на државниот обвинител Љупчо Коцевски е во рацете на Советот на ЈО. Останува прашањето, според неа кои се точните причини поради кои владата тргна во обид за разрешување.
-Во законот за ЈО се предвидени основите според кои може да следува разрешување на републичкиот јавен обвинител, јас не знам од кои причини е поднесен таквиот предлог до обвинителскиот совет. Од информациите на ТВ што ги слушнав само знам дека е поднесен таков предлог до јавно обвинителскиот совет, но што пишува во него, која е причината останува да видиме дополнително, рече Коцо во Топ Тема на Телма.
Причините за разрешување на државен обвинител се определени во самиот закон. Коцо нотира дека очигледно постоеше судир меѓу Коцевски и суспендираниот Виш јавен обвинител Хајрулаху.
-Имаше некои расправии, превирања меѓу републичкиот јавен обвинител и вишиот јавен обвинител и други некои слични случувања. Како што ќе бидат квалификувани тие случувања не знам бидејќи самиот Совет треба да го разгледа тоа и да види дали е сторена некаква тешка дисциплинска повреда која би повлекла разрешување на републичкиот јавен обвинител. Сега, топката е кај советот и тој треба да одлучи дали постои некаква причина и дали ќе му биде изречена таква дисциплинска повреда. Член на политичка партија- не сме чуле дека е. Освен овие случувања со кои што јавноста беше запознаена преку телевизиски емисии, изјави Вера Коцо, поранешна врховна судијка во ТОП Тема на Телма.
Според неа, мислењето на советот не е задолжително и не мора да го дадат, но ако се случи такво сценарио, тогаш постапката останува на Собранието.
-Советот на јавни обвинители треба да го утврди, но ако се исклучи од тоа да расправа за иницијативата, тогаш неговото мислење до парламентот ќе изостане, рече Коцо.