-Прашањето за разрешувањето на државниот јавниот обвинител не е некое прашање на определена воља и определени структури на моќ туку е пред се прашање кое е строго законски регулирано. Меѓутоа, ние како јавност, стручна и лаичка јавност, имаме еден мал проблем. Работите ги набљудуваме изолирани од контекст и тие појави надвор од контекстот немаат никаква смисла и се тотално неразбирливи. Денес ситуацијата со постапката, причините и начинот на разрешување на републичкиот јавен обвинител се последица на фактот дека тој е првиот јавен обвинител што е избран согласно новиот Закон за јавни обвинителство од 2020-та година којшто како закон нема никаква номотехничка структура внатре во него. И самиот јавен обвинител односно постапката за избор и потоа за разрешување на јавниот обвинител е дадена во тој закон, изјави Златко Јакимовски, адвокат, во Топ Тема на Телма.
Тој вели дека законот дава можност и начин како еден државен обвинител треба да се разрешува и кои услови треба да се исполнат за таква акција.
-Предвидената основа за негово разрешување која што е по принципот на нумерос клаузус во суштина преставуваат одредено поклопување во првите 6 точки од законскиот член за крупна дисциплинска повреда на јавниот обвинител на Македонија и било кој друг јавен обвинител. Во суштина, јавниот обвинител е сведен на обичен вработен и тој не може да стори таква повреда. Бидејќи тој не работи такви предмети, тој нема секојдневна активност. Од тие причини, во една суштинска мисла, соопштението на Министерството за правда кое излезе денес во јавноста е апсолутно слабо за да се потврди тешка дисциплинска повреда, наведува адвокатот Јакимовски.