На Онкологија снема биолошка терапија за дел од пациентите. Станува збор за неколку лекови коишто се набавуваат со таканаречниот условен буџет. Од здруженијата алармираат, а од Клиниката ветуваат решение.
Од здружението „Хема-онко“ велат дека пет лека се дефицитарни, пациентите дознале дека се потрошени од крајот на минатата недела и немаат информација кога ќе ги има повторно.
Доколку не се одобри дополнителен буџет, основна хемотерапија ќе има, но не и биолошка – сѐ додека не стигнат средствата од буџетот за 2025 година. Тоа за овие пациентите е предолго бидејќи не смеат да чекаат ниту еден месец, вели Ана Марјановиќ од „Хема-онко“.
Проблемот е тој. Две причини има зошто постојано снемува терапија на Онкологија. Првиот е бидејќи се зголемува бројот на пациентите со метастатски канцер коишто најчесто ги примаат овие биолошки терапии, што е неубавата приказна. А, од друга страна и фактот дека оние пациенти коишто редовно ја примаат терапијата, сите индикации покажуваат дека нивниот живот се продолжува и дека оваа терапија има ефект и од таа причина бројките постојано растат. Сѐ додека овие лекови се на овој условен буџет ние постојано ќе бидеме во ваква недоумица, вели Ана Марјановиќ, пациентка и претставник на здружението „Хема-онко“.
Поради недостатокот на регистар на онколошки пациенти, не се знае точната бројка на луѓе за кои во моментов нема терапија.
На пациентите им било кажано дека менаџментот на Онкологија се обидува тендерот да се објави порано и терапијата да се набави повторно, како дополнување на тоа што било предвидено за 2024 година.
А, од клиниката стигна одговор со уверување дека се прават напори за што побрзо да се надмине актуелниот недостаток, а дотогаш пациентите се третираат со терапијата што во моментов е достапна, а согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи.
Велат дека веќе се преземаат мерки во соработка со Фондот и Министерството за здравство, околу тендерските постапки на чекање.
Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката, се вели во дел од соопштението на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија.
Оваа тема стана и поле за партиски препукувања, па така од СДСМ се јавија со соопштение во кое го прозиваат министерот Таравари дека се шета по САД и објавува слики од рекламни паноа, додека се случува хаос во здравството и пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија се без биолошка терапија.
Потврда за алармирањето на здруженијата на пациенти дека расте бројот на болни од канцер е и најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Оттаму објавија податоци дека има околу 170 нови случаи годишно со рак на грлото на матката, што е шесто најчесто малигно заболување кај жените.
Инаку, за Онкологија сѐ уште е во тек истрагата на обвинителството, по скандалот кој беше обелоденет во септември 2023 година со препродажба на биолошка терапија. Анкетната Комисијата во Собранието ги сослуша сите страни, беа сослушани бројни сведоци и експерти, но сето тоа заврши без да има некакви конкретни заклучоци.
Петар Догов