Во услови кога Скопје често е најзагаден град во Европа, но и во светот, ЕСМ бара да купи 11.000 тони мазут за топланите Исток и Запад.
Но, не се јавил ниту еден понудувач. Ова попладнево го соопштија од компанијата. Тие преку повик ги бараа овие количини, затоа што им било законска обврска да обезбедат резерви во случај да се појават проблеми со набавка на гас, кој, пак, е примарен енергенс за производство на топлинска енергија.
Од таму тврдат и дека во моментов нема проблем во снабдувањето со гас и дека топланите ќе продолжат да го користат овој енергенс како и досега. Исто така, од ЕСМ потенцираат дека тие ќе го задржат правото да набавуваат количини мазут, согласно тековните потреби и да не го употребат ако нема потреба од тоа.
За време на енергетската криза, претходното раководство имаше обид наместо мазут, како второ алтернативно гориво во случај на недостиг на гас, да се овозможи да се користи дизел, опција која според тогашните тврдења била подобра поради загаденоста.
Но, ова не се реализираше затоа што се покажа дека топланите немаат филтри за да се користи дизел. Па, така алтернативно гориво остана мазутот.
Но, поради тоа што се стравуваше од висока концентрација на загаденост, не се употребуваше.
Со последниот повик, ЕСМ за топланите набави гас од бугарски снабдувач со фиксна цена од 64 евра за мегават час, но овој пат количините се само за еден месец, за разлика од минатата година кога беа за три.
Инаку, топланите Исток и Запад, ЕСМ почна да ги менаџира, откако го презеде работењето на парното греење од „Балкан Енерџи Груп“, компанија која со години го водеше бизнисот, но поради енергетската кризата имаа потешкотии во работата.
Ирена Чачкова