Ниту договорот за основање на видеолотарија, ниту назначувањето на Александар Климовски за прв човек на Државна лотарија за Владата не е спорно. КОД направи серија истражувања во кои откри дека на странскиот партнер Касинос Аустриа, преку три членови во договорот му се овозможил монопол и покрај тоа што Државна лотарија има 51 процент од уделот. Дополнително Касионс Аустриа не можела да извади лиценца за приредување на игри на среќа, бидејќи фирмата е основана само со 7700 евра. А законот налага дека Државна лотарија може да се здружи со други приредувачи на игри на среќа, но Касионс Аустриа да биде тоа и е потребна лиценца, а најнискиот основачки влог за истата да биде издадена е минимум 40 илјади евра.
Имајќи ги предвид објавените информации во Вашата емисија јасно укажуваме дека постапката околу јавниот повик за доделување на Договор за заедничко вложување во трговско друштво за приредување на електронски и интернет игри на среќа спроведена во 2013 година, како и Договорот за основање на Државна видеолотарија на Македонија (ДВЛМ) склучен во 2014 година e спроведена транспарентно и во согласност со законските прописи на Република Северна Македонија и интерните акти на Државна лотарија, важечки во тоа време, велат од Владата.
КОД откри и дека Климовски до неговото назначување на функцијата бил консултант на Касионс Аустриа и добил хонорар од речиси 140 илјади евра со што се отвори прашањето дали тој во видеолотарија ќе ги штити интересите на државата или на странската фирма.
Од Владата велат дека Климовски е водечки експерт од корпоративното право, а во минатото изготвувал правни мислења за многу компании, меѓу кои и за Касинос Аустриа и уредно плаќал данок за истите и тука немало ништо спорно.
Согласно член 82 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси не се пријавуваат завршени ангажмани од минатото. Имотната состојба вклучува само имот во моментот на именување на функција и тоа е уредно пријавено. Во конкретниот случај проф. д-р Александар Климовски нема и ниту пак би можел да има каков било приватен интерес, односно истиот ги застапува во целост интересите на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Северна Македонија каде основач е Владата на Република Северна Македонија, а истото се потврдува со сите донесени одлуки и акти од денот кога стапува на должноста генерален директор на Друштвото, одговорија од Владата.
Од Владата додаваат и дека непристрасноста на Климовски се докажала и покажала со неговото постапување по автентичното толкување на членот 7 од Законот за игри на среќа за престанок на онлајн платформите за приредување интернет игри на среќа во кои спаѓа и платформата www.2win.mk на Касионос Аустриа.
Според автентичното толкување видеолотарија смеела да организира интернет коцкање до 2017, а оттогаш и треба лиценца, која ја немала. Само една фирма ќе може да организира интернет коцкање, а тоа е Државна лотарија. Од Министерството за финансии не добивме одговор дали Касионс Аустриа во минатото воопшто поднела барање и добила лиценца за приредување на било какви игри на среќа.
Марија Митевска
