Вкупно 33 години затвор доби групата велешани кои сексуално злоупотребувало малолетничка. Сите обвинети се прогласени за виновни и судот во целост го прифати обвинението.
Првообвинетиот доби казна затвор од пет години и шест месеци, а еден од обвинетите доби условна осуда од две години, под услов да не изврши ново дело.
Пет лица се обвинети за трговија со дете, шест за силување, а едно лице за прикажување порнографски материјал.
На обвинителна клупа седнаа тринаесет лица, а само еден обвинет призна вина.
Адвокатите најавија дека ќе ја обжалат пресудата и тврдат дека Судот одлучувал според исказите и без докази.
Случајот стана познат за јавноста на почетокот на минатата година. Тогаш органите на прогонот соопштија дека се води истрага. Сѐ започнало со мобилен телефон во рака. Апликацијата Инстаграм е местото каде што првоосмоничениот, 25 годишен велешанец, разменувал пораки и ја стекнал довербата на малолетната жртва.
Комуникацијата траела повеќе недели и била интензивна – со што жртвата веќе била доведена во заблуда дека ќе започне љубовна врска со момчето.
Уште на првата средба бил направен порнографски материјал кој потоа бил користен како закана и се присилувало девојчето да доаѓа на други средби, кажаа тогаш од Основното јавно обвинителство.
Осудените се на возраст од 20 до 32 години, но делото го сториле пред три години кога биле уште помлади.
Пред почетокот на објавувањето на пресудата, обвинетите се противеа да бидат снимени од камерите на медиумите и побараа да излезат надвор.
Судечкиот совет кажа дека Врховниот суд го дозволил снимањето и дека немаат намера да ги попречуваат снимателите.
Петар Догов
