Со акцент на економијата и во духот на добрососедството, помина денешната прва меѓувладина седница помеѓу македонската влада и косовската.
Дефинирана е целта – следната година трговската размена да биде над половина милијарда евра, а економската соработка да се зајакнува на секое поле.
Во енергетиката, фокусот ќе биде ставен на изградбата на двата северни интерконектори за гас. На тоа се однесува првиот потпишан меморандум, како и за други иницијативи за соработка за јаглен и електрична енергија.
Вториот протокол е за поефикасно гранично управување – еднаш да се застанува на Блаце и побрзо да се минува границата. Со ова ќе се регулираат граничните проверки и царински контроли, системите ќе бидат вмрежени, информациите навремено достапни за државните служби.
Третиот потпишан документ се однесува на размената на искуства за стручното образование и обука.
Има политички центри кои работат на подгревање на меѓуетнички тензии, кажа косовскиот премиер Курти. Етничките теми се актуелни затоа што нив ги отвораат политичари на кои им недостасуваат идеи, а сакаат да добијат внимание во јавноста – се надоврза премиерот Мицкоски.
Двајцата повикаа етничките разлики да бидат оставени во минатото, а во иднина политиките да бидат насочени кон подобар живот за граѓаните.
Денешната посета во Приштина започна со интонирање на македонската и косовската химна и со највисоки почести. Веднаш потоа, се одржаа тет-а-тет средби помеѓу двајцата премиери Мицкоски и Курти, а се сретнаа и министрите од соодветните ресори.
Петар Догов
