Во текот на ноќта руските сили го нападнаа Киев со беспилотни летала од различни правци, а противвоздушната одбрана го одби нападот, кој помина без жртви, изјави денеска шефот на градската воена управа, Сергеј Попко.
„Седми воздушен напад на руските окупатори на Киев во септември. Непријателот повторно употреби нападни беспилотни летала, првично од типот ‘Шахед’… Тревогата за воздушен напад на главниот град беше објавена три пати во Киев и траеше вкупно околу два часа“, напиша Попко на Телеграм.
Според него, руските сили ги лансирале првите групи дронови пред полноќ, но во текот на ноќта се повеќе беспилотни летала биле лансирани во украинскиот воздушен простор.

„Исто така, руски нападни беспилотни летала постојано влегуваа во Киев, од различни правци, главно еден по еден“, рече Попко.
Тој истакна дека силите за противвоздушна одбрана ги собориле сите цели на приодите кон главниот град.

Според оперативниот извештај, во Киев нема жртви ниту материјална штета.
Исто така, од беспилотни летала „Шахед“ 14 лица се повредени во масовниот напад на руската армија врз градот Конотоп во областа Суми, соопшти регионалната воена управа.
„Ноќта на 12 септември непријателот изврши масовен воздушен напад врз објектите на енергетската и цивилната инфраструктура на општина Конотоп. Русите употребија беспилотни летала од типот Шахед, насочувајќи ги кон станбени згради, образовни и медицински установи“, се наведува во соопштението.
Меѓувреме продолжуваат и нападите на источниот фронт во насока на украинскиот град Покровск.
Во областа прекинати се снабдувањето со гас и вода.
Источниот фронт кај Покровск во последните месеци беше место на жестоки борби и центар на руската офанзива во регионот на Доњецк, бидејќи градот е важен логистички центар за украинските сили.

Властите на Покровск на 15 август ги повикаа жителите да се евакуираат, откако руските сили пристигнаа на 10 километри од периферијата на градот.
Модуларната пречистителна станица која го снабдуваше Покровск со вода престана да работи поради актуелните борби во областа.
-Во моментов е невозможно да се продолжи со работа. Работиме на решавање на овој проблем, рече Филашкин, откако вчера тој изјави дека руските сили ја уништиле пумпата што го снабдувала Покровск со гас.
До почетокот на септември, во Покровск престојуваа околу 26.000 луѓе. Во јануари 2022 година, градот имал околу 60.000 жители.
Од почетокот на овој месец, со влошувањето на безбедносната ситуација, и железничката станица во Покровск е затворена за евакуација на цивилите.
Во моментов почнуваат евакуации од железничката станица во Павлохрад, во Дњепропетровскиот регион, град што се наоѓа на околу 100 километри западно од Покровск.
