Иако е безбедносен ризик за Собранието, како што утврди МВР, надлежната институција не може да спречи градба на катната гаража на неколку метри до Парламентот, одговорија од општина Центар која го издаде одобрението за градба пред точно 10 години.
Од Центар велат дека Управниот суд ја поништил нивната одлука за укинување на одобрението кое општината го донесе бидејќи инвеститорот не почнал да гради во законскиот рок.
Општина Центар во овој момент нема правен механизам ниту законска можност да го спречи градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека изведувачот „Анго“ поседува правосилно одобрение за градење. Во секој случај, Општина Центар очекува најавеното изнаоѓање решение од Владата и надлежните министерства да оди во правец кој нема да биде на штета на граѓаните на Општина Центар, на институцијата и на општинскиот буџет, се вели во реакцијата на општината.
Од друга страна, премиерот Мицкоски уште вчера оцени дека инвеститорот работел според закони и грешката е направена пред повеќе од 12 години. Затоа треба да се обештети и фирмата која го купила плацот.
Најспорно е што безбедносната проценка дојде многу доцна. Таа е негативна сега, иако уште во 2008-ма за гаража, но подземна, според написите на медиумите во тоа време, МВР издало начелна согласност дека е безбедно да се гради.
Тој проект се прекинал поради повлекување на инвеститорот бидејќи тогашната пратеничка на СДСМ Весна Бендевска обвини за градежна мафија. Потоа неколку години подоцна се донесе ДУП за Мал Ринг во кој планерите вцртаа катна гаража од која се ѕирка во прозорците на Собранието.
ДУП-от е донесен пред повеќе од 12 години. Никој не сакал да забележи дека таков проект е удар за безбедносниот периметар на Собранието и за високите домашни и странски гости и државни делегации.
Но во целата игра, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се појавува во двојна улога.
Сега раководи со МВР кое ја донесе негативната безбедносна проценка, а пред три години бил адвокат на фирмта Анго која преку Управниот суд успеа да го врати одобрението за градба во правна сила откако општина Центар првично го поништи.
Од МВР одговорија дека Тошковски не учествувал во носењето на негативното мислење за катната гаража и поради сегашната функција „не е во можност да споделува став околу предметниот случај поради конфликт на интереси“.
Рокот за завршување на градба истекува во втроник, но забраните и судските случаи поведени од инвеститорот и тогашниот негов адвокат Тошковски може да предизвикаат нов дополнителен рок.
Дополнително нов рок за завршување на градба може да биде определен и по бебзедносната проценка на МВР каде министер сега е Тошковски. Во спротивно, од вторник фирмата ќе треба да и плаќа пенали на општина Центар зошто не ја завршила гаражата која ја нарушува безбедноста на Собранието.
Миомир Серафиновиќ
