Судењето за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски денеска беше одложено поради спојување на постапката за сите обвинети во случајот која ја шокираше македонската јавност. На обвинителната клупа за прв пат седнаа Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов. Се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка место беше резервирано во третиот ред во судницата.
Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо не беше присутен, бидејќи Судечкиот совет, како што информираше судијата кој го води предметот Ивица Стефановски, не бил во можност да го обезбеди неговото присуство. Причината е што обвинението против него беше оценето пред два дена и не биле исполнети законските услови да биде повикан.
Стефановски го прифати предлогот на обвинителството да се води единствена постапка, бидејќи се работи за истите кривични дела и за истите докази. Рочиштето беше одложено се цел да му се достави покана на Палевски и да се обезбеди доволно време за подготовка на неговата одбрана.
Главната расправа ќе се одржи на 20 септември. Тогаш за прв пат Палевски по неговото бегство во Турција ќе се соочи со останатите обвинети, кои го посочија него како главен организатор на грабнувањата и извршител на убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп.
Видевски, Манев и Кешишов беа уапсени непосредно по убиствата на почетокот на декември, минатата година и ја одведоа полицијата до телата на жртвите. Нивното сведочење го фрли и сомнежот врз таткото на Вања, бидејќи тврдеа дека информациите на Палевски за движењето на девојчето дошле од него.
Палевски кон средината на мај беше екстрадиран од Турција, каде беше уапсен по распишаната меѓународна потерница. Жежовски е грабнат и убиен на 22 ноември, минатата година во местото викано „Рудник“ во околината на Велес, со цел неговото возило Цитроен да биде искористено во другото кривично дело. Ѓорчевска исчезна неколку дена подоцна на 27 ноември. Само по два часа од нејзиното грабнување во влезот на улицата „Наум Наумовски Борче“ била свирепо убиено во местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда.
Марија Митевска