ЈСП има недостаток на автобуси, а приватните превозници нема да возат. Утрешниот ден кога започнува школската година ќе им донесе нервози на оние кои го користат јавниот превоз во главниот град.
Војната за набавка на нови автобуси пак меѓу градоначалничката на Скопје и ВМРО-ДПМНЕ никако да запре. Во средина се граѓаните кои на социјалните мрежи коментираат дека треба да си купат тротинет или велосипед.
Премиерот Христијан Мицкоски не ја прифати подадената рака од Арсовска и го одби нејзиниот предлог набавката на 250 еко автобуси да оди преку Владата, а истите да ги плати Град Скопје. Притоа и порача да почне да ги подмирува долговите.
„Пред Арсовска да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги ставела на посебна сметка, прво нека си ги плаќа ратите за автобуси набавени од Шилегов, за да не ги плаќа Владата која сега ги плаќа. Второ Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници што им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП во сообраќајот. На скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а тоа што го бара Арсовска е процес за набавка на автобуси што трае од една до една и половина година“, наведе премиерот.
И покрај тоа што Мицкоски по неодамнешната средба со Арсовска во Владата вети дека советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе ги гласаат за проектите на градот Скопје тие пред некој ден сепак не дадоа зелено светло за набавка на автобусите.
Потоа Арсовска во отворено писмо му предложи на премиерот доколку не успее да ги убеди советниците, сите услови за набавката да ги постави тој и истите ќе бидат прифатени од нејзина страна.
Воедно побара владејачкото мнозинство да ги исплати милионските долгови кон претпријатијата под градска капа.
А токму долгот на ЈСП кој изнесува околу 2 милиони евра и неисполнетото ветување за зголемување на тарифникот за приватните превозници е причината зошто нивните автобуси утре ќе останат во гаражите.
Од приватните превозници Радост компани и Јофи бус за Телма велат дека не се политички инструирани и дека нивните автобуси ќе возат само еднаш од прва до последна станица и назад, а потоа се исклучуваат од сообраќај. Станува збор за околу 150 автобуси.
Исклучок ќе биде приватниот превозник „Вестор транс“ кои без никаков застој ќе ги реализираат, сите линии како што е договорено со ЈСП и Град Скопје.
„Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ во понеделник продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. „Вестор транс“ ги почитува и реализира обврските што произлегуваат од законите, одлуките и актите, со кои се уредува превозот на патници и ќе продолжи да го извршува договорот со континуирано и редовно одржување на линиите 9, 11, 11а , 12, 47 и 55 за кои има добиено дозвола за превоз“, соопштија од вестор транс.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски најави дека ќе се обидат да поправат околу 40 автобуси кои би биле пуштени во сообраќај, но секако ќе недостасуваат уште околу 100.
Од ЗЕЛС побараа оставка од Арсовска и да се оди на нови избори. Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски изјави дека проблем нема само во јавниот превоз, туку во сите претпријатија под град Скопје.
Доколку не даде оставка ќе бараат одземање на ингеренциите, но за такво нешто е потребно измени да претрпи Законот за локална самоуправа, кој се носи со двотретинско мнозинство и за тоа е потребно време.
Марија Митевска
