Предизборна реторика во Бугарија. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја оцени реакцијата на бугарското Министерството за надворешни работи (МНР) кое на неговата изјава дека Преговарачката рамка со ЕУ може да биде репреговарана, му возврати дека тоа нема да се случи ниту со сегашната привремена, ниту со некоја идна политичка влада во Бугарија и дека таквите обиди на Скопје може само да ја оддалечат земјата од ЕУ.
„Тамошните политичари ќе сторат сѐ за да нѐ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да нѐ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир итн.“, изјави Мицкоски.
Мицкоски во изјавата дадена за МИА упати и апел до македонските граѓани и политичари да не наседнуваат на таквите провокации.
„Овој фолклор, оваа естрада, којашто ќе се обидуваат овие центри на моќ, внатре во земјата, но и овие надвор, коишто ќе се обидат да не внесат во оваа предизборна реторика, треба да ги гледаме одозгора, тие не го заслужуваат нашето внимание“, изјави Мицкоски.
Неговото предупредувањето уследи еден ден откако вицепремиерот за транспорт и врски, Александар Николовски, запрашан на соопштението на бугарското МНР, ја нарече Бугарија нефункционална држава, а членовите на привремената привремената влада во Софија – маргиналци.
„Нека си ги средат прво дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме и зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе кои што ловат политички поени, а кои што се политички маргиналци во моментов во Бугарија, затоа што се претставници на влада којашто нема легитимитет од никого“, изјави Николовски.
Мицкоски кој во својата реакција на ставот на Софија беше поумерен и употреби подипломатски речник од својот вицепремиер Николовски, сепак во изјавата ниту еднаш не го употреби името „Бугарија“, туку ја именуваше земјата како „нашиот источен сосед“.
Во контекст на продолжувањето на европскиот пат на Македонија, тој упати и порака до Европската унија дека доколку навистина сакаат да ја видат земјава во ЕУ, ќе најдат начин. Мицкоски ги повика пријателите во Унијата да разговааат со оние кои и поставуваат препреки на земјава да може кончено да почне и втората фаза од преговорите, односно отворањето на кластерите.
Тамара Грнчароска
