Министерството за образование и наука подготвува анализа за оптимизација на училиштата во нови 20 општини, откако во десет од годинава затворени се училиштата кои имале паралелки со само по неколку ученици, а кои школувањето од 1 септември ќе го продолжат во друго училиште.
„Во 10 општини веќе е завршено и стапи на сила оваа година. Не се преголем број на училишта затоа што не сакаме тоа да биде шокантно, ниту за населението, ниту за наставниците и родителите. Почнавме од општини каде што е помал број на училишта кои треба да се оптимизираат и ќе се движиме кон поголем број“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Јаневска притоа вели дека затворањето на училиштата нема да предизвика последица за наставниот кадар. За нивните платите пак таа и денеска изјави дека во буџетот за оваа година нема пари за нивно зголемување, но оти такво нешто ќе се случи во март.
И додека основните и средните училишта ја одбројуваат последната недела пред да ги отворат своите врати за учениците, кои оваа година, според најавите од МОН, ќе ги имаат учебници, освен учебниците за странските јазици во основното образование, студентите академската година од октомври ќе ја стартуваат со две новини – студентски оброк и за бруцошите за што тие ќе можат да аплицираат до 5 септември, како и право на аплицирање за стипендија за втор циклус на студии за студентите со заврешни три години додипломски студии.
Ова се двете од трите барања кои студентите од УКИМ ги испорачале до МОН пред два дена. За третото барање, закон за младински стандард, како што рече Јаневска, ќе мора да причекаат за тој да се разгледа и усогласи.
Во меѓувреме, информира Јаневска, започнат е процесот со универзитетите кој треба да ги подобри студиските програми и наставни програми, но и оној со кој ќе се знае кои од 134 високообразовни институции во земјава ќе ја задржат својата акредитација за работа, а кои не.
„Тие што не исполнуваат услови, значи почнуваме со анализа со помош на Државниот просветен инспекторат. Државниот просветен инспекторат не е добро кадровски опремен, му треба зајакнување. Ние формираме комисии во Министерството и за тоа имаме право. Со оглед на бројката и со оглед на средствата кои успеавме да ги испланираме за годината, ова е процес, кој сигурно, ќе трае, една и пол до две – две и пол години“, изјави Јаневска.
Според министерката студентите од факултетите кои по евалуацијата би биле затворени поради неисполнување на законските услови за работа, доколку законски си студирале, ќе бидат префрлени на државните универзитети.
Тамара Грнчароска
