Вести Македонија Најважни

МВР: Раководителот на смена е одговорен за пропустите со сватовите на Гаши

Спикерот Африм Гаши уредно го пријавил своето одење на свадба во Косово заедно со семејството и обезбедувањето, но смената на граничниот премин не ги евидентирала патниците и возилата, заради што ќе се преземат мерки за одговорност на раководителот. Ова е заклучокот на Министерството за внатрешни работи (МВР) по извршените проверки на камерите, на системот за контрола на патници и возила, како и на книгите на настани и процедури на граничниот премин.

„Утврдено е дена планот за патување на Африм Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги. Опфатени се и членовите на неговото семејство, обезбедувањето и три полициски службени возила. Граничниот премин Блаце го поминале шест возила од кои три полициски и едно ВИП возило. Иако најавиле излез, системот не евидентира излез. Не е запазена процедурата на евидентирање. За утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР“, напиша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалните мрежи.

Министерот Тошковски апелира сите полициски службеници да работат согласно законите и „да ја одбијат секоја незаконска наредба или непринципиелно барање од било кого“.

Сватовската колона на чело со спикерот Гаши неколку дена е дел од политичките пресметки. СДСМ тврди дека се работи за тешка злоупотреба и самоволие на вториот човек во државата и третирање на државната граница како партиска своина на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“. Имаат информации дека во возилата на обезбедувањето имало приватни лица и дека целата свадбарска поворка била пропуштена без контрола на лентата за камиони на граничниот премин „Блаце“.

„Станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин „Блаце“ и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите. Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои, исто така, биле дел од поворката по невестата. Сите возила на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Коалицискиот партнер во Владата, ЗНАМ се надева дека законите и протоколите биле запазени.

„Доколку возилото е користено за приватни потреби и семејни веселби – тоа е недозволиво. Во спротивно, ако вие вршите таква висока државна функција и ви следува обезбедување и се е извршено согласно протоколот, нема никакви пречки! Сепак, оставам на официјалните надлежни државни институции да се произнесат  по случајот, рече претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Коалицијата „Вреди“ уште еднаш потенцира дека спикерот Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата. Прашуваат „зошто СДСМ не реагираше на ист начин кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли надвор од границите на земјата во придружба на државно обезбедување?“.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе