Пожарникари од четири града и два полициски хеликоптери од утрово се борат со пламените јазици на планината Буковик над Пехчево обидувајќи се да го локализираат шумскиот пожар за кој постои сомневање дека е подметнат. Станува збор за стара борова шума на непристапен терен.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, не ја исклулчува можноста да побара поддршка од армијата и полицијата доколку денес пожарот не се стави под контрола.
Пожарот се појави вчера околу 13 часот на 50 метри по воздушна линија над уништената шума во пожарите минатата недела. Во стихијата само во текот на вчерашниот ден изгореле 150 хектари шума. Локалните пожарникари и доброволци веднаш се упатиле по непристапниот терен за да се обидат да го изгасат но за само половина час пламените јазици биле високи и над 30 метри а огнот се ширел неконтролирано во сите правци.
Една екипа буквално во последен момент се спасила. Ова се остатоците од нивното возило, единственото кое го имаа локалните пожарникари на располагање а со кое минатата недела со денови се бореа против пожарот кој се закануваше да влезе во Пехчево.
Граѓаните се сомневаат дека пожарот е подметнат токму поради локацијата на која избувна, непристапен терен над веќе уништената шума. Локалните пожарникари и припадници на шумското стопанство осум дека патролираа на планината Буковик барајќи жешки точки или скриени жаришта и децидни се дека такви немало.
Токму затоа се повеќе граѓани бараат од надлежните да се донесе одлука дрвата уништени во пожар да не се сечат и да се запре праксата приватни компании да го расчистуваат опожарениот терен. Граѓаните се убедени дека доколку дрвото уништено во пожар не може да се користи понатаму во комерцијални цели и да се продава како дрво за огрев по пониска цена или да се преработува во пелети бројот на шумски пожари драстично ќе се намали.
Според официјалните информации на ЦУК во моментов активни се 10 пожари а три се под контрола. Гори во Јасен, Пехчево Новаци, Кичево, Македонски Брод, Пласница. Чашка, Делчево и во Неготино.
МВР минатата недела ги подигна дроновите за да може полесно да ги улови подметнувачите на шумските пожари. Дроновите ќе летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови. Досега се откриени осум случаи а поднесени се кривични пријави против 11 лица кои се товарат за предизвикување на општа опасност или предизвикување шумски пожар.
Огнен Чанчаревиќ
