Афрона Вервизоли ја презела функцијата- главен ревизор за ИПА фондовите, функција која и ја додели владата минатата недела иако таа нема никакво ревизорско искуство и сертификати туку е банкарка. Преземањето на функцијата се случило вчера, според информациите на Телма, пред и да биде објавено во службениот весник, а не било објавено ниту заедно со останатите назначувања изгласани на владината седница на 31-ви јули.
Откако ја објавивме информацијата, претставници на европската унија во Скопје се интересирале за ова назначување бидејќи ревизијата се однесува на ефективно и наменско трошење на парите кои државата ги добива од ИПА фондовите.
Од делегацијата на Европската Унија ни стигна одговор дека посебно го набљудуваат назначувањето на главниот ревизор, а повторија и дека сите нови функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми.
-Важно е сите назначувања да се вршат со целосно почитување на релевантните критериуми и искуство пропишани во соодветните закони и прописи. ЕУ ќе го испита секој случај, а особено ова назначување, кое се однесува на надзорот врз спроведувањето на финансиските фондови од ЕУ, стои во одговорот кој го добивме од канцеларијата на ЕУ.
Вервизоли е поставена за главен ревизор на европските ИПА фондови иако до изборот во владата работела во банка и немала ниту соодветно искуство ниту соодветни сертификати.
За тоа место и таа позиција се предвидени строги правила, односно и во договорот за соработка на државата со ЕУ за ИПА фондови стои дека „раководителот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи“.
Постои и законски услов, а главниот ревизор за ИПА фондови мора да има уверение за стекнато звање од областа на ревизијата. И покрај тоа, владата ја назначи Вервизоли за главна ревизорка, а и од Министерството за европски прашања и од надлежните е баран одговор зошто несоодветно лице е поставено на таква позиција.
Предлогот за назначувањето е стигнат од коалицијата Влен, а владата го изгласала.
Миомир Серафиновиќ
