Со години и со децении ги слушаме истите празнични говори на политичарите, во кои има ветувања, но не и суштински пораки, велат социолозите. Во обраќањата на државното раководство има многу политика и малку се зборува за празникот, па професорот Илија Ацевски вели дека вчерашните говори на државното раководство за чествувањето на Илинден, повеќе наликуваа на предизборна кампања.
Како да се наоѓате на партиски митинг, пораки кои ги слушавме во кампањата. Нешто, да не речам нешто грубо, како да е составувано од ученици, како да е некој состав. Не видов ништо препознатливо освен она што се повторува долго време и станува досадно и банално. Таа партизација и банализација на проблемите го одвелекува вниманието на граѓаните дека тоа е голем ден за Македонија, вели Ацевски.
Дел од граѓаните кои вчера со развеани знамиња дојдоа на локациите каде се одбележувапше празникот, заминаа пред да ги слушнат пораките на политичарите. Ацевски вели дека со ваков начин на одбележување на Илинден, политичарите не успеваат да разбудат ниту емоции за двата големи историски настани, длабоко врежани во колективната меморија, Илинденското востание и АСНОМ.
Ако тоа не се негува многу лесно тие чувства кај младите ќе се изгубат, па ќе нема во иднина кој да ги одбележува овие значајни настани, вели Ацевски.
Се чувствувате навредено на некој начин, зборуваме за таа колективна меморија, ако таа не допре во нашите чувства, дека нешто на некој датум се случило значајно за нашата држава како Македонци, тоа ја губи својата вредност, ја губи својата привлечност и на крај се банализира и доаѓа една тотална незаинтересираност. Носите партиска публика да аплаудира, но сето тоа е надвор од еден нормален чин на тој ден, вели проф Ацевски.
Според професорот Ацевски, наместо секоја година да ги слушаме истите фрази и говори без пораки, време е да се менува нешто во начинот на одбележување на празниците како Илинден, кои имаат исклучително историско значење за Македонија, за да се привлечат младите и тие да останат во колективната меморија.
Емилија Мисирлиевска
