Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, денеска е пуштен од затвор, а од зад решетки излегува и осуденикот Душко Лазаров, дознава Телма од извори во затворската управа.
Овие двајца затвореници се едни од лицата осудени за 27 април, а кои побарале и на кои новиот директор на Управата за извршување на санкциите им ги потпишал барањата за прекин на издржувањето на казната.
Досега вкупно 6 осуденици за овој случај се пуштени на привремена слобода.
Станува збор за прекин не подолг од еден месец, поткрепен со медицинска документација и потписи од специјалисти.
В.д. директорот на управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, не спомена имиња ниту точна бројка на осуденици чиишто барања ги одобрил. Сепак, потврди дека одобрил барања, за кои тврди дека нема право да ги одбие.
Меѓу затворениците чиишто барања се одобрени има и од такви кои не се осудени за 27 април.
„Како в.д. директор на Управата за извршување на санкции, единствено што можам е ако дојде барање од затвореник којшто ќе достави документација дека има акутен здравствен проблем, потпишано од специјалист дека мора да се изврши здравствен зафат – тогаш јас немам право да го одбијам тој. Такви случаи во минатото биле одбивани. Јас тоа нема да го правам!“, изјави в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
Осуденици за случајот 27 април се повикале на Членот 225 од Законот за извршување на санкциите, чиишто измени беа изгласани кон крајот на месец март.
Таму јасно е наведено во какви услови се одобрува вакво барање на осудени лица.
„На осудени лица кои се на издржување казна затвор, директорот на Управата во најкус можен рок, а не подолго од 30 дена, донесува решение за прекинување на издржувањето на казната во траење до 30 дена, доколку има потреба или се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест, зависности или породување“, пишува во Член 225 од Законот за извршување на санкции.
Со реакција се јавија од Социјалдемократскиот сојуз, со критики до Пандов дека ја узурпира институцијата.
„За само две недели директорување на Пандов, од Штипскиот затвор 4 осудени лица за 27 април се пуштени на прекин на издржување на казната. Како осудениот Јане Ченто за насилствата од 27 април со негов потпис е пуштен? Како Александар Јаневски Тошта исто така осуденик е пуштен? Како се пуштени осудените Оливер Поповски и Митко Пешов од затворот во Штип? Како е можно со потпис на Пандов некој да има прекин во казната од 30 дена?“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од затворската управа за Телма брифираат дека најголем дел од барањата коишто се одобрени, се за физикална терапија.
Петар Догов