Додека некои членови на поранешниот состав на антикорупциска, заедно со граѓаните, и по неколку месеци чекаат да подигнат нормални пасоши, актуелните членови како приоритет во борбата против корупцијата го издигнале добивањето на дипломатски пасоши.
Претседателката и сите членови на ДКСК побарале МНР да им издаде вакви привилегирани патни исправи, а досега пасош во сина боја, добила само првата Антикорупционерка Татјана Димитровска.
„Дипломатските пасоши се побарани со цел да ни послужат на сите идни службени патувања. Дипломатските пасоши на членовите на ДКСК следуваат како избрани и именувани лица од Собранието, истите никогаш нема да бидат употребени за приватни цели туку за извршување на официјалните функции и обврски“, одговори Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.
Минатата година во рамки на скрининг процесот во ЕУ, поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска дваесетина пати била во Брисел, па на нашето прашање дали имала за таа цел дипломатски пасош, а таа ни одговори дека никој од стариот состав не барал таква привилегија.
Oд аеродром до градот Брисел патувала со јавен превоз кој чинел 9,9 евра без да бара посебни услови од мисијата на државата во ЕУ.
До новата претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска упативме повеќе прашања поврзани со привилегиите на антикорупционерите откако не се јави на повиците на Телма.
Прашање ТЕЛМА: До каде е постапката за барање на службени возила за членовите на ДКСК?
Одговор од Татјана Димитровска: Ниту се побарани службени возила, ниту ќе побараме за членовите на ДКСК. Имајќи предвид дека ДКСК, како институција, нема службено возило, во иднина ќе се побара службено возило за потребите на ДКСК како институција, а не за членовите.
Од друга страна, двајца членови на претходниот состав доаѓаа на работа со велосипед, тројца патуваа со автобус од Тетово, Велес и Гостивар на работа во Скопје. Работните посети ги вршеа или пешки, бидејќи се блиску до институциите во центарот на Скопје, или, пак, си плаќаа сами такси.
Главната задача на антикорупционерите е да се борат против корупцијата на актуелните и поранешни функционери, а единствен случај кој го завршија за повеќе од пет месеци стаж е за Академијата за судии и обвинители.
Миомир Серафиновиќ
