На ден пред истекување на рокот, претседателката на државата му го довери мандатот за состав на Владата, на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски тврди дека има обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието, но за конечно објавување на коалицискиот договор се чека на финалните чекори.
Нова Влада ќе биде избрана пред крајниот рок од 20 дена кои ги предвидува Уставот, уверува претседателот на партијата – победник на изборите. Рокот почнува да изминува од денес, за формирање и изгласување на новата Влада.
Претседателката на државата, во краткото обраќање на свеченото доделување на мандатот, порача дека добила уверување, дека мандатарот Мицкоски има сериозна можност за формирање на Влада.
„Чест ми е денеска и задоволство, со сигурност да верувам дека чекорот што го преземам, доверувањето на мандат за состав на Влада на господинот, проф. д-р Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чекор“, вели Гордана Сиљановска–Давкова – Претседател на Република Северна Македонија.
Прва порака која ја испрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како мандатар, е дека ќе работи за Македонија да биде татковина на сите граѓани, без да прави поделби помеѓу луѓето.
Коалициските договарања и преговори се на крајот, информира мандатарот. Но, крупните промени како реформи на судско-обвинителскиот систем и воведување на нови министерства не се возможни без двотретинско мнозинство и токму тоа е целта, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ уверува дека веќе има обезбедено две третини во Собранието.
„Формално, ние можеме да ја избереме новата Влада уште утре. Но, имајќи ги предвид разговорите коишто привршија, коалицијата којашто е направена, тогаш можам да кажам дека наш предизвик е да имаме мнозинство од 2/3 во парламентот. Ако гледаме едноставно, ние формално имаме 78 пратеници, а не 58. Бидејќи ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме 55, двајца се од Социјалистичката партија и еден е од Демократската партија на Србите во Македонија. Но, ако гледаме како поширока коалиција и во тој контекст, тогаш имаме 78. А, јас ви велам дека имаме повеќе од 80“, вели Христијан Мицкоски, Мандатар.
Христијан Мицкоски испрати порака и до сега веќе избраниот претседател на Собранието, Африм Гаши од Коалицијата Вреди, да се извини ако изјавил дека Косово е негова татковина.
„Сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. А, за таква изјава не сум слушнал, но ако има таква изјава тогаш мислам дека треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи. Тука тој зема плата“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Порака од мандатарот има и за Демократската унија за интеграција.
„Ги гледам етноцентристичките изјави коишто доаѓаат од некои од официјалните лица од Демократската унија за интеграција. Можеби на тој начин сакаат повторно да внесат етнички провокации во соживотот во Македонија, со тоа што овие преговори за формирање на идната Влада и институциите ќе бидат сведени на прашање колку добиле Албанците, Македонците, Србите, Власите и останатите“, додава Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата обезбедија 58 пратеници на парламентарните избори. Во владината коалиција ќе влезат и од коалицијата Вреди која има 14 народни избраници, а ЗНАМ на Максим Димитриевски освои 6 мандати.
Идната Владата ќе има нови министерства, а дел од постојните ќе се реорганизираат.
Петар Догов
